Би можело да ве интересира: Дали знаете колку работодавачот треба да ви исплати ако работите прекувремено, за викенд или трета смена?
Дали и во кој случај, работник кој работи со скратено работно време од 4 часа дневно, може да му се исплати плата како да работи со полно работно време?
Согласно член 122 од Законот за работни односи, работникот кој работи помалку од полното работно време (скратено работно време) во согласност со прописите за пензиско и инвалидско осигурување (инвалидност), прописите за здравствено осигурување (медицинска рехабилитација), во тој случај остварува права од задолжителното социјално осигурување, кога би работел со полно работно време.
Работникот, кој работи помалку од полното работно време, има право на плаќање за работата, според стварните работни обврски, како и други права и обврски од работниот однос, како работникот кој работи со ПОЛНО РАБОТНО ВРЕМЕ, ако со ОВОЈ закон, поинаку не е определено.
Исто така, согласно член 122-а од Законот за работни односи, на работникот кој работи на особено тешки, напорни и штетни по здравјето работи, а чие штетно влијание врз неговото здравје, односно работна способност не може во целост да се отстрани со заштитни мерки, работното време му се скратува сразмерно на штетното влијание врз неговото здравје, односно работна способност, во согласност со Закон и Колективен договор.
НАПОМЕНА: При остварување на право на плата и другите права од работен однос, скратеното работно време се ИЗЕДНАЧУВА како ПОЛНО РАБОТНО ВРЕМЕ.
Како особено тешки, напорни и штетни по здравјето работи се сметаат:
- особено тешка физичка работа;
- работа под зголемен атмосферски притисок;
- работа под зголемена бучавост;
- работа во вода или влага;
- работа изложена на јонизирачки зрачења;
- работа со болни од заразни болести и со заразни материјали;
- работа на хируршки интервенции во операциони сали;
- работа во областа на психијатријата, работа со лица со најтешки пречки во психичкиот развиток;
- работа во судска медицина и патолошка анатомија;
- работа со нагризувачки материјали;
- работа на летачки персонал;
- балетски изведби;
- музичари на дувачки, играорци и оперски солисти;
- работа во близина на напон или под напон и работа на височина или длабочина.
ОДОБРЕНИЕ ЗА РАБОТА СО СКРАТЕНО РАБОТНО ВРЕМЕ дава министерот надлежен за работите од областа на трудот, врз основа на претходно прибавено мислење од здравствена установа, која врши дејност медицина на трудот и мислење од инспекција на трудот.
Барање за покренување на постапка за добивање на одобрение на работа со скратено работно време, може да поднесе работникот или синдикалната организација до работодавачот.
Здравствената установа, која врши дејност медицина на трудот и инспекцијата на трудот, мислењето го доставуваат врз основа на претходно изготвен и доставен елаборат од работодавачот.
НАПОМЕНА: Барање за добивање одобрение за работа со скратено работно време, поднесува работодавачот до министерството надлежно за работите од областа на трудот.
Кон барањето за добивање одобрение работодавачот доставува мислење од здравствената установа, која врши дејност медицина на трудот и мислење од инспекција на трудот.
Доколку инспекцијата на трудот утврди дека постојат условите, со РЕШЕНИЕ ќе му нареди на работодавачот да покрене постапка за утврдување на скратеното работно време.
Работникот кој работи на особено тешки, напорни и штетни по здравјето работи, не смее да работи на тие работи прекувремено, нити може да се вработи кај друг работодавач на истите работи, за времето за кое работи со скратено работно време.