Би можело да ве интересира: „Wizz Air“ купува нови 75 авиони од типот „A321neo“
Во Скопје се одржа Македонско – словенечки економски форум на кој главни теми беа продлабочување на соработката, енергетиката, реализација на заеднички проекти... Трговската размена меѓу двете земји годинава е зголемена за 14 отсто.
Триесет години економска соработка меѓу Република Словенија и Република Северна Македонија се повод за Македонско – словенечки економски форум што се одржа денес во Скопје. Традиционалното бизнис пријателство привлече учество на бројни официјални државни претставници, стопанственици и претставници на Стопанските комори од Република Словенија и Република Северна Македонија, како и на повеќе од 150 бизнисмени од двете држави.
„Бизнис заедницата е таа која го носи развојот на економијата и за да ја постигнеме таа цел треба заедно со државните институции, министерствата да работиме на заедничка развојна стратегија. Словенечките пријатели се тука за подобро да се запознаат со можностите за инвестирање кај нас, условите на пазарот и потенцијалите на нашата бизнис заедница за соработка. Се надевам дека нашите компании ќе ја искористат оваа можност за вмрежување, ќе склучат зделки и ќе започнат соработка со словенечките претставници“, рече Војдан Јорданов, претседател на Управниот одбор на Друштвото на словенечки и македонски стопанственици.
„Имавме многу плодна и конкретна дискусија и верувам дека дополнително ќе ја продлабочиме соработката со Република Словенија и во иднина ќе реализираме многу заеднички проекти. Разговаравме да ја вратиме авионска линија меѓу Скопје и Љубљана и веќе разговарав со министерот за транспорт и врскиcдо крај на годината да објавиме повик за авиокомпании и да можеме да ги поддржиме со цел да се олесни соработката меѓу државите, а секако и Република Словенија тоа ќе го направи кон почетокот на наредната година.“ рече министерот за економија на Република Северна Македонија.
Македонија е на петтото место од државите каде словенечките компании инвестираат, посочи министерот за стопански развој и технологија на Република Словенија Матјаж Хан, задоволен од големиот интерес меѓу стопанствениците и за Форумот.
„Словенија е пријателска држава на РСМ и понатаму ќе останеме да ве поддржуваме за што побрзо вклучување во Европската унија. Постојано се зголемува размената на стоки и минатата година таа изнесува 433 милиони евра, а тоа е зголемување за 25 проценти. Извозот и увозот од Македонија и обратно е зголемен за повеќе од 20 проценти. А за првите шест месеци годинава, трговската размена е зголемена за околу 14 проценти. Инвестициите на словенечките претпријатија во Македонија изнесуваат околу половина милијарда евра. Особено сте добредојдени да инвестирате во Словенија“, посочи Хан.
Целиот текст можете да го прочитате ТУКА: nezavisen.mk