Сега сме во услови на глобална економска криза и во некои подобри времиња, со направени анализи и истражувања, евентуално во земјава може да се направи пилот проект со скратена работна недела од четири работни дена, велат за Фактор од Фондацијата за развој на мали и средни претпријатија Куманово.
Оттаму додаваат дега засега не сме спремни за вакво нешто да профункционира во пракса, затоа што земјава е со низок стандард за разлика од европските држави.
„Треба да се направи анализа и да се види во кои сектори тоа би можело да се примени, односно работните обврски наместо за 5 дена, да се завршат во 4 дена. Во одредени гранки и сектори тоа може да се покаже како ефективно, работниците да бидат попродуктивни, но не во сите. Однапред без некоја анализа е многу тешко да се зборува на оваа тема“, велат од Фондацијата за развој на мали и средни претпријатија Куманово.
Сепак, никој не може да даде прецизен одговор дали скратената работна недела повеќе би одговарала за мали компании или за оние кои генерираат повеќе работни места, затоа што тоа зависи од многу фактори. Дополнително, има и бранши каде се работи на норма и тоа би било потешкотија.
Граѓаните се скептични за скратена работна недела. Се сомневаат дека такво нешто ќе се случи кај нас.
Би ве интересирало: Дали знаете во кој случај ви следува цела плата доколку работите со пола работно време?
Повеќе држави досега го применија моделот на скратена работна недела, а други планираат да се впуштат во истото. Психолозите велат дека работниците би имале бенефит од мерката.
„Тоа кај нас е утопија, но од психолошки аспект секако дека е позитивно. Ако работникот е притиснат со професионални обврски кои не може да ги заврши, плус со семејни обврски, тој не може да функционира. Едното е поврзано со другото. Ако работникот има исполнет семеен, социјален живот, но и ако е задоволен од финансиите, тој ќе биде поефективен на работното место“, изјавија психолозите.
Шпанија тестира скратена работна недела со еднаква плата како дел од мал пилот проект. Ќе учествуваат мали и средни претпријатија, со најмногу 249 вработени во производниот сектор. Ако резултатите од пробниот период, кој првично ќе трае две години бидат позитивни, мерката може да се прошири и на други сектори. Во Обединетото Кралство, Данска, Исланд истата мерка веќе беше спроведена во пракса.