Се размислува за укинување на зелениот картон, односно воспоставување единствена премија за осигурување на возилата од автоодговорност, како што тоа е дефинирано со директивите на ЕУ, иако во Законот за задолжително осигурување во сообраќајот има одредба според која ова ќе се применува дури после влегување на земјата во Унијата, дознава Плусинфо.
Планот, како што дознаваме, е во првиот или вториот квартал од следната година да се добијат сите параметри и да се донесе одлука дали ќе се применува европскиот модел и кај нас, по што треба да се направат измени на Законот.
Ова за граѓаните кои поседуваат возила ќе значи и поскапување на осигурувањето, бидејќи во него ќе биде опфатено осигурувањето од автоодговорност и износот за зелен картон, покрај регистрацијата.
Инаку според актуелниот Закон за задолжително осигурување во сообраќајот, единствената премија е предвидено да почне да се применува кога земјава ќе стане полноправна членка на ЕУ.
Пред неговото донесување осигурителните компании побараа да се укине зелениот картон и да се премине на единствено осигурување на возилата, но тогаш тоа нивно барање не беше прифатен. Истовремено, граѓаните и превозниците бараа поевтин зелен картон, бидејќи македонскиот е најскап во регионот.
Кои се цените на зелениот картон и осигурителната премија?
Според актуелните цени зелениот картон за патничко возило до 66 kW на годишно ниво е 3.690 денари, а за они над 66 kW за една година е 5.536 денари. Цена за патничко возило до 66 киловати за месечно ниво е 1.850 денари, а за возило над 66 kW e 3.075 денари.
За влечните и специјалните возила, мотоциклите, приклучни и работни возила цената е 5.536 денари. Цената за товарните возила и автобусите е 17.222 денари. Важност на зелената карта е 12 месеци или во рамки на времетраењето на полисата за автомобилска одговорност.
Износот на годишната премија е еднаков кај сите осигурителни компании зависи од силата на моторот (кв), кај товарните возила од носивоста во тони, додека кај автобусите од бројот на седишта и др. Износот на премијата со текот на годините се намалува, доколку немате предизвикано сообраќајна незгода.
Осигурувањето од автоодговорност е законски задолжително осигурување кое се склучува при регистрација на моторните возила. Целта е да се обезбеди заштита во случај на штета нанесена на трети лица и предмети, така што трошоците кои инаку би требало да ги плати осигуреникот (сопственикот на возило), ги надоместува осигурителната компанија каде што е потпишан договорот за осигурување. Ова осигурување ги покрива штетите во случај на загуба на живот, телесни повреди, нарушено здравје, уништување или оштетување на предмети.