Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека од денес стапуваат на сила препораките и мерките при надминат праг на алармирање во Скопје, Кавадарци, Кичево и Струмица како резултат на загаденоста и присуството на високи концентрации на ПМ 10 честички во воздухот во овие градови.
Од Министерството е доставена информација за загадување на воздухот до Министерство за здравство, Министерство за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за животна средина, Управа за животна средина, Сектор за комуникација со јавноста во МЖСПП, Институт за јавно здравје и до сите општини за епизодата на алармантно загадување на воздухот.
Согласно препораките, од Министерството за здравство се должни да препорачаат на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот како и да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.
Владата на Северна Македонија се препорачува да ги задолжи сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на Единиците на локална самоуправа да ја намалат (до 50%) употребата на службените возила.
извор: 360stepeni.mk