И овие празници граѓаните ќе ги прослават во согласност со можностите. Многу луѓе Новата година ќе ја дочекаат дома, но дел од населението може да си дозволи и патувања во Мексико, Дубаи, Египет или пак Париз, Прага, Белград. За далечните дестинации, патувањата по лице чинат и до 2.000 или 2.500 евра. Од туристичките агенции велат дека оние граѓани кои се финансиски моќни, не штедат на патувања и сакаат да избегаат во далечни земји каде има и потопло време. Резервираат аранжмани кои траат и по 7 дена.
Сепак, голем дел од граѓаните сакаат да патуваат, но признаваат дека немаат можности, поради ниските примања. За Нова година ќе подготват побогата трпеза од вообичаено и ќе бидат во кругот на семејството.
Има и луѓе кои со децении се дома за празниците.
„Јас 20 години ја чекам Новата година дома. И сега ќе бидам дома. Народот нема работа и нема пари“, рече една граѓанка.
Психолозите велат дека класните разлики во општеството растат, при тоа некој може да си дозволи да патува на далечни дестинации, а некој да остане дома за Нова година. Кој како ќе прослави вели дека е личен избор, поттикнат од финансиската моќ, но и психичките процеси кај човекот.
Можеби ќе ве итересира: Се знае кој ќе пее за Нова година на плоштадот во Скопје
Тие додаваат дека за време на празниците, но и преку целата година, треба да си дозволиме да се опуштиме, да им дадеме значење на парите, во рамки на своите можности, така што ќе ги потрошиме за работи кои ни нудат поквалитетен живот. Советуваат празниците да ги поминеме во благосостојба и спокој.
извор: faktor.mk