Од денес повеќе не важи мерката на бесплатниот превоз во Скопје со автобусите на ЈСП.
Мерката времено се донесе како една од пакетот мерки на Град Скопје за намалување на загадувањето на воздухот.
Ваквата одлука следува откако загадувањето на воздухот, како што соопштија од Град Скопје, се најде под дефинираниот праг на алармирање од 150 мg/m3 во два последователни дена.
„Град Скопје ќе продолжи и натаму да ја следи состојбата со аерозагадувањето и во случај од потреба за повторно активирање на мерките, меѓу кои и бесплатен јавен превоз, ЈСП Скопје навремено ќе ја информира јавноста“, велат од ЈСП.
Скопје повторно се најде меѓу 10-те најзагадени градови во светот, во друштво на градови од Индија, Кина, Пакистан, Монголија кои пак имаат милионско население.
Скопје котираше на високото 3-то место, а претходните години состојбата не беше ништо подобра.