Во вториот квартал од минатата година се регистрирани 1.932.608 претплатници во мобилната телефонија што е за 3,48 отсто повеќе споредено со вториот квартал од 2021 година, соопшти Агенцијата за електронски комуникации во Извештајот објавен на крајот на декември 2022 година.
Тоа е повеќе отколку што Македонија има резидентни жители утвредени со последниот Попис на населението – 1.836.713.
Просечно биле остварени 110,36 повици месечно. Инаку, во Извештајот се наведува дека вкупниот број претплатници што користат интернет со широк опсег во вториот квартал од 2022 година изнесувал 502.200, а пристап преку мобилни мрежи имале 1.418.946.
АЕК наведува дека кај резиденцијалните пост-пеид претплатници има раст од 1,17 отсто од претходниот квартал во 2022 година додека во однос на истиот квартал од 2021 година зголемувањето изнесува од 4,03 отсто. Деловните пост-пеид претплатници бележат раст од 0,17 отсто во однос на претходниот квартал, а во однос на вториот квартал од 2021 година пад од 0,02 отсто.
-Во вториот квартал од 2022 година има намалување на бројот на испратени СМС пораки во однос на првиот квартал од 1,41 отсто. Кај вкупниот број испратени ММС пораки во вториот квартал од 2022 година има раст од 0,85 отсто во однос на претходниот квартал и пад од 2,88 отсто споредено со вториот квартал од 2021 година, велат од АЕК.
Оттаму информираат дека најголем пазарен удел има Македонски Телеком со 50,67 отсто, додека А1 Македонија има пазарен удел од 47,77 отсто, Роби од 0,89 отсто, Лајкамобајл од 0,55 отсто, додека Греен Мобиле од 0,12 отсто.
Заклучно со вториот квартал од 2022 година се регистрирани 435.714 претплатници на ТВ услуги, од кои 212.433 на кебалеска, на ИПТВ е 152.093, на ДВБ-Т 41.297, а 30.081 на сателитска телевизија. И на квартално и на годишно ниво се бележи зголемување на претплатниците на сателитска за 10,11 односно за 22,57 отсто.
Според извештајот на АЕК, заклучно со вториот квартал 2022 година во државава се регистрирани 432.086 фиксни линии, за 1,37 отсто повеќе на квартално, а за 2,66 отсто на годишно ниво.
Целокупниот обем на сообраќај во вториот квартал од 2022 година во однос на истиот квартал од 2021 година година бележи пад од 24,23 отсто, додека во однос на првиот квартал од 2022 година бележи пад од 10,26 отсто.
извор: skopskoeho.mk