Најмалку за 1760 денари ќе биде покачена најниската пензија за период од една година.
Новата методологија која стапи на сила во март минатата година предвидува усогласување на пензиите со комбиниран модел од 50% пораст на просечната плата на сите вработени во државата и 50% пораст на трошоци на живот, согласно официјалните податоци на Државниот завод за статистика. Притоа, усогласувањето се врши двапати во годината, односно во март и септември, според процентот кој се добива како збир на порастот на индексот на трошоци на живот во претходното полугодие и процентот на порастот на просечно исплатена плата на сите вработени во државата во однос на полугодието кое му претходи.
Воедно, според проценките оваа мерка дава резултат и на краток, но особено на долг рок, а засега, обезбедени се над 73 милиони евра во буџетот за пензиите. Ова покачување на пензиите се врши независно од дополнителните средства кои легнуваат на сметките на пензионерите во рамки на антикризните мерки за социјално ранливите категории.
Директна финансиска поддршка од вкупно 6.000 денари за четири месеци, односно по 1500 денари месечно има за пензионерите кои земаат до 11.525 пензија, а тоа се над 91.600 пензионери. Исто така директна финансиска помош од вкупно три илјади денари е обезбедена за пензионерите кои земаат пензија до 14.000 денари, односно над 66.000 пензионери. За оваа мерка за пензионерите беа издвоени над 12,2 милиони евра.