Денот спроти Божиќ, Бадник, уште од минатото е познат по палењето коледарски оган, со кој се испраќаа коледарите на коледе.
Сепак, модерното време, но и коронавирусот ги изменија овие обичаи кај луѓето, па речиси сѐ поизвесно е дека бројот на коледарски огнови ќе биде минимален, а можно е и воопшто да ги нема. Едни ќе ги палат пред бадниковата вечера, други, пак, оган палат на Василица. Секој град има своја традиција. Бадниковите огнови се можеби дел од традицијата на граѓаните, но не се дел и не треба да се негуваат од празнувањето на Бадник. Дополнително, загадувањето на воздухот не дозволува палење огнови на отворено, а и пандемијата го остави својот белег. Групирањето, мерките за заштита од вирусот, сепак и на отворено треба да се почитуваат, со цел заштита од зараза.
Сепак, иако не се дел од христијанската традиција и од она што го негува црквата, до пред неколку години, на Бадник, организацијата и посетата на коледарски оган беа задолжителни. Во секоја населба, помеѓу две-три згради, на ширинки во населбите, секаде се палеа огнови. Од најмало до најстаро, сите беа излезени да ги испратат коледарите на коледе од куќа до куќа, каде што добиваа разни подароци составени од јаболка, портокали, костени, ореви, понекое бонбонче и, се разбира, паричка.
Сега сето тоа изумре, но мал дел граѓани велат дека ќе се придржуваат до традицијата и ќе го одбележат денот. Оган во некои населби ќе има.
– Сакаме да си ја негуваме традицијата и сакаме и оваа година да запалиме коледарски оган. Сите од зградата се договараме и се организираме, секој стан придонесува со нешто на трпезата. Вадиме маса, пуштаме македонска музика, палиме оган, се дружиме, се смееме…, сето тоа е дел од нашата традиција, можеби повеќе како причина за да се видиме и да направиме муабет отколку што било друго. Речиси сите во зградата сме со мали деца, а постарите, оние што се пензионери, се развеселуваат со децата тука. Убаво ни е и затоа и секоја година си палиме оган. Огнот не е ниту огромен, туку мал, колку да се назначи денот, што би рекле старите за мерак и адет – вели жител на Железара.
ОГНОВИТЕ НЕ СЕ ДЕЛ ОД ПРАВОСЛАВНОТО ПРЕДАНИЕ
– Ставот на Скопската епархија во овој контекст е неизменет во изминатите години, а тоа подразбира дека начинот на кој се спроведува ваквиот елемент од празнувањето на Божиќ не е во согласност со православното предание. Во време на пост, во време кога треба да бидеме прибегнати кон молитва и тихување, присутни на богослуженијата што црквата ни ги нуди во овој период, ние се предаваме на нешто што нема смисла, што мотивира поведение што не е христијанско, што ги поттикнува страстите и телесното, а наштетува на духот и духовното. Да се сетиме на амбиентот во кој престојуваа пастирите од евангелскиот опис, кога ангелите им се јавија и им ја објавија благата вест за раѓањето на спасителот на светот – седеа покрај огнот, во тихование. Не со гласна музика од световни жанрови, со изобилство на храна, напати мрсна во посен период, со алкохол и сл. Постои задржан побожен обичај во некои кареви од Македонија, каде што верниот народ, собирајќи се по вечерната служба во дворовите на храмовите пали оган и пее божиќни песни – т.н. каланди, објавувајќи го на тој начин раѓањето на спасителот – истакна шефот на кабинетот на архиепископот.
ЗАГАДУВАЊЕТО, КОВИД И БАДНИКАРСКИТЕ ОГНОВИ
Традиционално, неколку години по ред, овој период од годината е карактеристичен по енормната загаденост на амбиенталниот воздух во државата, па во согласност со тоа, бадниковите огнови беа забранети од локалните власти. Ако во минатото некои од општините доделуваа и дрва за палење оган, денес тоа не е практика.
Со оглед на тоа што е забрането да се пали оган на отворено, за што сведочат и многубројните санкции изречени од страна на инспекторите за животна средина, оние што ќе палат оган ризикуваат да заработат казна заради загадувањето на воздухот.
Дополнително, пандемијата го зема својот данок, па, така, препораките да се носи заштитна маска и да се избегнува групирање сѐ уште се во сила, па граѓаните заради нивно добро е потребно да ги почитуваат.