Продажбата на летните аранжмани за 2023 година веќе започна, а од туристичките агенции се задоволни од интересот на граѓаните за ран букинг. Велат дека најголем интерес има за Грција, но, исто така, доста барани се и Албанија, Црна Гора и Турција. Некои од туристичките агенции велат дека поради големите попусти за ран букинг, аранжманите се веќе се распродадени. Поради инфлацијата, аранжманите за летување годинава се поскапени за 20 отсто во однос на лани.
Од туристичките агенции велат дека се информирани за најавите дека за влез во некоја од земјите членки на ЕУ, од 2023 година ќе треба да се издвојат 7 евра, но се' уште немаат добиено официјални информации од кога, како и каде ќе треба да се плаќа оваа такса. Доколку се воведе ваквата такса, како што велат, тоа ќе биде дополнителен трошок за сите оние што ќе патуваат.
За разлика од лани, годинава има поголем интерес за ран букинг, бидејќи нема рестриктивни мерки. За закуп на апартмани во Грција, сè уште важат попустите, кои почнаа во декември, а цените за приватно сместување се движат од 300 евра, па нагоре. Во хотелите, во претсезона, цените за ноќевање со појадок се движат од 130 до 150 евра за лице, а во Турција е малку поскапо и цените за престој во хотел со авионски превоз се движат од 350 евра за лице, па нагоре.
Патниците од Македонија, Србија, Црна Гора и од БиХ во моментов можат да патуваат во земјите од Шенген зоната без виза и претходно одобрение, а од 2023 година веќе нема да можат да го прават тоа. Освен дозвола, ќе треба да плаќаат и такса од 7 евра. Дозволата ќе биде валидна за неограничен број влегувања во ЕУ во рок од три години.
Минатата година, околу половина милион македонски граѓани ја посетиле Грција, со што земјава е на 11. место меѓу топ-15 земји со најголем број посетители во Грција за 2021 година, покажуваат податоците на Здружението на грчки туристички бизниси.
извор: vecer.press