Дел од македонските граѓани не се информирани дека Турција во 2023 година воведе туристичка такса, но од туристичките агенции во земјава кои нудат посета на Турција, велат дека тоа нема да го намали интересот на мaкедонците за патување.
Објаснуваат дека сепак се работи за мала сума, која нема значително да влијае на буџетот кој граѓаните го одвоиле за патување. Додаваат дека Турција е доста атрактивна и интересна за нашите граѓани, посебно Истанбул.
Од една скопска агенција објаснуваат дека за 3 ноќевања, практично туристот треба да плати 3 евра плус како такса, што не претставува проблем за оние кои решиле да патуваат.
„Луѓето уште не знаат, дури сега дознаваат дека е воведена туристичка такса, но тоа не е проблем, затоа што се работи за мала сума. Ние нудиме патувања во Турција за празниците. Оној кој решил да патува и оној кој често патува, знае дека и во многу други земји се плаќа истата такса. Патувањето е најдобра инвестиција. Имаме патници кои во неколку наврати се враќаат во Турција, во Истанбул. Им се допаѓа историјата, културата на тој град. Дури посета од 2-3 дена не е доволна за да го видат градот и да ги посетат сите знаменитости. Во град како Истанбул можеби е потребно да останат месец дена за да ги видат сите убави места“, велат од туристичките агенции.
Од други агенции исто така потврдуваат дека туристичката такса која Турција ја наплаќа нема да смени ништо во пракса, затоа што македонците ја сакаат Турција, патуваат таму и тоа најчесто за Велигден, 1 Мај и Нова година.
Доколку патувате, прочитајте: Се затвора најстарата слаткарница во Истанбул поради превисока кирија
Како што беше објавено пред Нова година, се наплаќа два отсто за сместување во хотели, туристички села, мотели, пансиони, како и туристички тури од туристички агенции. Одлуката е донесена во 2019 година, но примената на одлуката беше одложена поради пандемијата на коронавирусот. Претставниците на туристичката индустрија во Турција претходно се изјаснија против воведувањето на таксата со образложение дека тоа ќе ја ослаби конкурентската позиција на земјата, која, за разлика од многу други држави, претходно не наплатуваше туристичка такса. Пред пандемијата Турција најмногу ја посетуваа руски, германски, бугарски туристи. Туризмот креирал 4 отсто од БДП на земјата.
извор: faktor.mk