Василица се празнува во периодот на т.н. Некрстени денови, период што трае од Божик до Водици, кога според легендата Исус не бил крстен и ѓаволите се мачеле да го излажат да не се крсти и да не се исполни волјата божја.
Се верува дека овие денови за човекот се опасни бидејќи тогаш мртвите се во движење, разни вампири, караконџули, вештерки, самовили и други нечисти сили се активни и на сите начини сакаат да му напакостат. За заштита од овие негативни демони човекот во овој период избегнувал некои потешки работи, но изведува и разни магиски заштитни дејствија. Особено познати се некои обичаи како бабарските, русалиските и сл. од кои траги на почвата на Македонија се одржале до денес.
Посебно интересна е драмската игра со маски која се среќава на теренот на цела етничка Македонија, но секаде со различни имиња според имињата на учесниците во играта: во охридско-василичари, во битолско-бабари, во скопско-џоломари, во тиквешијата-џаламари, во разлошко-сурваскаре, во костурско и други места во Егејска Македонија ешкари и тн. Иако во повеќе места оваа драмска игра се играла во текот на сите дванаесет Некрстени денови сепак таа најчесто е поврзана со празникот Василица.
Важно е да се одбележи дека како ретко кој празник децата одделно од возрасните Новата Година ја пречекуваат со посебни обичаи, игри и песни кои многу се различни од оние што ги изведуваат возрасните, но се блиски до обичаите и песните што се изведуваат на Бадник. И на Василица како и на Бадник групи деца најпрвин околу заедничкиот оган, а потоа одејќи по куќите низ селото или градот, пеат пригодни песни за што добиваат подароци. И овие песни како и коледарските од Бадник немаат развиена мелодија туку се кажуваат со скандирање, со карактеристични извици на почетокот и на крајот, а и во мотивска смисла се блиски.
"- Сива, сива Василица, каде си се осивила?
– Тамо долу на Бел Дунав!
– Што имаше, што немаше?
– Ми имаше златна чаша, златна чаша канатица, ми канеше слава Божа,
слава Божа и Божика. Божик ми е небото, слава му е на земјата!
Оооооо и в година!"
Возрасните за овие прослави се подготвуваат од порано. Тие набавуваат прибор за маскирање, предмети за тропање и правење врева, како ѕвонци, клопотарци, тенеќиња, тенџериња, но и музички инструменти: гајди, кавали, тапани и сл. Со овие реквизити се создава голема врева која има цел не само да создаде весела атмосфера туку и да ги заплаши и избрка лошите духови.
Во василичарските дружини одат луѓе веселници, луѓе што знаат да се шегуваат. Обичаите што притоа ги изведуваат претставуваат вистинска народна драма со точно определени улоги на учесниците, со маскирање и други елементи присутни во фолклорниот театар.
Овие василичарски дружини во секоја куќа, или, ако не ги пуштале да влезат поради тоа што биле многу вулгарни, во дворот ја играле драмската игра за што добивале подароци (месо, грав, компири, зејтин и др.) од кои правеле заедничка гозба. Таму пак каде што не ќе ги дарувале правеле некоја штета најчесто кршеле нешто што ќе најделе во дворот на пр. плуг, брана, кола и сл. Се внимавало две василичарски дружини да не се сретнат зашто редовно доаѓало до тепачки што траеле се додека некој не загинел за што сведочат топонимите Василичарски гроб, Бабарски гроб и тн. што ги има низ цела Македонија.
Во селото Вевчани се одржува прочуениот Вевчански карневал кој од година во година станува се помасовен и попопуларен. Како туристичка атракција тој е посетен од многу гости и тоа не само од нашава земја. Во формата во која денес се одржува во него гледаме мноштво традиционални обичаи, но и некои елементи што се од поново време. Во Вевчани Василица се празнува два дена, на 13 и 14 јануари (.н.с.). Василичарите се организираат во групи, зависно од маалската припадност, во василичари од Горна и од Долна маала. Секоја од овие групи си има свој конак, каде што се собираат и подготвуваат. Секоја група си има свој василичарски бајрак, што се чува во црквата Свети Никола и се користи само во оваа прилика. Бајраците се носат пред поворката додека василичарите шетаат низ селото. Секоја василичарска група има традиционални ликови: зет и невеста, потоа поп, ѓавол и Глупавиот Август. Зетот, облечен во народна носија носи и патерица со која ги фаќа луѓето за вратот, ги доближува за да им бакне невестата рака, а тие да ја даруваат со пари. Невестата, секогаш е машко лице, облечено во невестинска облека и претставува симбол на плодноста. Составен дел на василичарските групи се и свирачите кои ги веселат присутните.
Василичарските поворки тргнуваат на 13 јануари (с.с.) на пладне. Одделно одат горномалските и долномалските василичари. Ги минуваат сите улици одејќи надесно и застанувајќи на секоја раскрсница каде што играат. Василичарите ги посетуваат сите домови, играат ора и пеат песни по што добиваат дарови во пари или продукти.
Во василичарските празнувања во Вевчани покрај традиционалните елементи, ликови, маски и сл. има и нови елементи, пред се маски и активности со кои се критикуваат некои настани или личности од изминатата година. Поради тоа што оваа манифестација доби поголема масовност и атрактивност во 1993 година Вевчани со својот карневал стана член на Здружението на европските карневалски градови. Вевчанските василичари учествувале на многу карневали во светот.