Ситуацијата со минималната плата драстично се смени. Во 2017 година, минималната плата се искачи на 12000 денари, а во 2022 таа достигна 18000 денари. Отсега, покачувањето на минималната плата нема веќе да зависи од волјата на Владата и министрите, туку таа ќе се покачува согласно растот на трошоците за живот и растот на просечната плата. Така, според оваа пресметка од март оваа година, минималната плата треба да достигне 19600 денари.
Растот на минималната плата, очекувано предизвика и раст на останатите плати во државата, со што и просечната исплатена нето плата драстично порасна. Доколку просечната нето плата исплатена во октомври 2012 година изнесуваше 21 илјади денари, во октомври 2022 таа беше над 33 илјади денари.
Просечната плата од 2012 до 2016 година се искачила само 1400 денари, од 21031 денар во октомври 2012 до 22460 во октомври 2016 година. За разлика од тоа, просечната плата од 2018 до 2022 година забележува забрзан раст. Во октомври 2018 година таа била 24817, додека во октомври 2022 година се искачи на 33104 денари.
Сепак, анализирањето на платите не е доволен показател за подобрување на стандардот на граѓаните, доколку не се спореди со цените, однсоно со минималната потрошувачка кошничка. Гледајќи ги податоците за октомври 2012 година, кога потрошувачката кошничка изнесуваше 31989 денари потребни беа четири минимални плати за едно домаќинство да може да ја обезбеди.
Глобалната енергетска, но пред се ценовна и економска криза во 2022 година не дозволија подобрување на овој сегмент, но сепак ситуацијата дури и во октомври 2022 година е далеку подобра од таа пред 2016 година. Во октомври 2022 година потрошувачката кошничка изнесува 51514 денари и се обезбедува со 2,86 минимални плати од 18000 денари.
Тоа значи дека најранливите категории на граѓаните, кои добиваат минимална плата и во најголемата криза која го тресе светот имаат подобар животен стандардот отколку пред 2016 година.
За справување со последиците од КОВИД-19 пандемијата, беа креирани шест пакет мерки:
Со првиот пакет мерки се обезбеди парична помош за граѓаните со цел поголема потрошувачка и за развој на домашните економски дејности, а вториот пакет обезбеди директна поддршка за стопанството со цел иновативност и развој, за зачувување на постојните и за нови работни места. Третиот пакет мерки беше насочен за земјоделците, со цел да се обзбеди македонска храна од македонска земја, а четвртиот пакет мерки беше директна помош за лицата без работа, за спортистите, за уметниците и туристичките работници кои беа најпогодени од кризата.
Петтиот пакет мерки беше наменет за граѓаните и реалниот сектор за стабилна и развојна економија преку даночни олеснувања и одложување на долгови, додека шестиот пакет мерки им помогна на дејностите кои беа целосно затворени со цел превенирање на ширењето на коронавирусот, како и за подобрување на ликвидноста на компаниите кои инвестираат.
За компаниите од прехранбената индустрија, училиштата и водостопанствата, се обезбеди субвенционирана цена за струјата, а се повеќе компании одлучуваат и се пријавуваат за оваа мерка.
Директна помош добија и социјалните случаи, невработените, како и пензионерите со ниски пензии, а со навремено преземените мерки започна и намалувањето на цените на прехранбените производи.
извор: 24info.mk