Уништувањето на оградата на автопатот Тетово – Гостивар – Скопје никако да престане. Со ова се загрозува животот на возачите во сообраќајот бидејќи поради уништената ограда, често животните излегуваат на коловозот. Најчесто оградите се крадат и се продаваат, но се случува земјоделците да ја уништат со цел полесно да стигнат до своите ниви.
Токму поради недостиг на ограда на автопатот, се случува животните да излезат на главниот пат и да ги загрозат возачите. Последниот случај беше минатата година кога токму поради недостиг на ограда, животно усмрти мајка и ќерка.
Возачите алармираат дека оштетувањето на заштитните жици на автопатот може да ве чини живот, бидејќи често се гледаат животни на автопатот, особено во делот кај Групчин, општина Желино и на автопатот Тетово – Гостивар.
„Опасноста е голема. Многу животни сум видел, но немало сообраќај. Македонија Пат што ги краде парите, треба да ги среди патиштата“.
„Загрозени сме насекаде, ако е автопат, но не знаеме дали е автопат или магистрален пат. Нема никаква безбедност“.
„Се случува Македонија ниту штетите да не ги плати. Мене лично ми се случи пред три години. Ќе платиме, нема да платиме, и на крај оставив“, рекоа возачите.
Од претпријатието „Македонија Пат“ се свесни за проблемот и соопштуваат дека поради крадење или оштетување на оградата покренале неколку тужби против непознати лица.
„Со доаѓањето на пролетта, овој феномен се појавува на автопатот Тетово – Скопје – Гостивар, но ние редовно ги одржуваме. Се обидуваме да ги пријавиме во полиција да се преземат мерки против крадците или оштетувачите. Исто така се очекува реконструкција на автопатот Тетово – Гостивар и негово проширување, со што ќе има нов систем на огради кои нема да се оштетат“, рече Гајур Кадриу, директор на Ј.П „Македонија Пат“.
Според податоците на СВР Тетово, само лани имало 50 сообраќајни несреќи како последица на излегување на животни на коловозот.