Работниците во неколку компании од технолошката индустрија ќе штрајкуваат во Финска од среда до петок оваа недела, откако не беше најдено решение за спорот за платите, соопштија денеска работодавците во технолошката индустрија.
Во соопштението се наведува дека штрајкот ќе зафати 20 фирми кои вработуваат 11.000 работници.
Неуспешните разговори за платите меѓу претставниците на работодавачите и синдикатите во технолошкиот и индустрискиот сектор за време на викендот најверојатно ќе резултираат со штрајкови во февруари кои ќе се прошират и во другите клучни сектори во земјата.
Врз основа на инфлацијата од речиси 10 проценти и користејќи го неодамнешното порамнување на платите во Германија како репер, Индустрискиот сојуз побара годишно зголемување на платите од пет проценти, што беше поддржано дури и од работодавците во технолошката индустрија во Финска, пишува порталот.
Овие најави веќе се префрлија во други сектори додека другите синдикати се подготвуваат да започнат слични акции.
Стручниот синдикат и Здружението на стручни и раководни кадри (ИТН) најавија тридневен штрајк на почетокот на февруари.
И синдикатот на приватниот услужен сектор, кој има речиси 200.000 членови, се закани дека ќе се приклучи во втората недела од месецот.
Веројатно најштетен штрајк за извозот на земјата би бил инициран од Финскиот синдикат на транспортни работници (АКТ), кој застапува 45.000 транспортни работници, пишува бриселскиот портал „Евроактив“ и пренесува Танјуг.
Според информациите, повеќето колективни договори во транспортниот сектор истекуваат денеска, а според извори на финските медиуми, транспортните работници се подготвуваат за штрајк во средината на февруари.