Патничкиот сообраќај на европските аеродроми конечно почна да се опоравува од кризата предизвикана од корона вирусот, но сè уште е под нивото пред пандемијата, се вели во извештајот на Меѓународниот аеродромски совет на Европа (ACI Europe) за 2022 година.
Низ аеродромите во Европа поминале 1,94 милијарди патници, речиси двојно повеќе од 2021 година. Сепак, ова е за 21 отсто помалку отколку пред пандемијата во 2019 година.
Само 27 отсто од европските аеродроми го достигнале бројот на патници што го имале пред пандемијата. Најголем дел од нив (90 проценти) се помали и регионални аеродроми.
Во земјите од Европската Унија за една година патничкиот сообраќај е зголемен за 122 отсто. Закрепнувањето беше најголемо во земјите кои имаа најстроги ограничувања за патување во 2021 година, како што се Обединето Кралство (249 проценти), Ирска (235 проценти) и Финска (187 проценти).
Можеби ќе ве интересира: Стјуардеси ни откриваат кои осум работи во авионот се бесплатни: Од патниците ова ретко кој го знае
Растот на патничкиот сообраќај на аеродромите во остатокот од Европа беше релативно умерен и изнесуваше 26 отсто, главно поради тоа што пандемијата имаше помало влијание врз воздушниот сообраќај во 2021 година, бидејќи владите се воздржаа од наметнување поголеми ограничувања, но и поради војната во Украина.
На украинските аеродроми патничкиот сообраќај е намален за 88,3 отсто, со прекин на сите комерцијални летови од февруари, а на руските аеродроми сообраќајот е намален за 10,4 отсто, што беше погодено од прекинот на летовите кон и од Европската унија.
Кога станува збор за ЕУ, аеродромите во Грција, Португалија и Луксембург беа најблиску до нивото пред пандемијата, додека Словенија, Финска и Словачка забележаа најслабо закрепнување.
Од земјите кои не се членки на ЕУ, патничкиот сообраќај беше значително над нивото пред пандемијата на аеродромите во Албанија (55,7 отсто), Косово (26,1 отсто) и Босна и Херцеговина (20,4 отсто).
Најпрометниот европски аеродром во 2022 година беше Истанбул, со 64,3 милиони патници. На второ место е лондонскиот „Хитроу“ со 61,6 милиони патници, што е за 23,8 отсто помалку од 2019 година. Франкфурт (48,9 милиони). Сообраќајот на петте најфреквентни аеродроми минатата година беше за 114 отсто поголем од 2021 година, но за 22,6 отсто помал од 2019 година.
Извор: biznisinfo.mk