Најпопуларниот македонски мапер Nikola's Maps направи мапа на урбаниот дел од градот Скопје на која ги обележа површините каде нема да смее да има било каков објект за игри на среќа, доколку се спроведат измените на постоечкиот Закон за игри на среќа.
На владината седница одржана во вторникот, а по предлог на Министерството за финансии, практично се усвоија предлог-измените и дополнувањата на Законот за игри на среќа, според кои се предвидува оддалечување на спортските обложувалници и казина на најмалку 500 метри од основните и средните училиштата.
Како би изгледало тоа во пракса во главниот град на државава, покажа маперот Никола кој направи карта на која ги обележа сите основни и средни училиштата со радиус од 500 метри, со што даде слика во кои делови на Скопје ќе може да има објекти за игри на среќа.
Гледајќи ја мапата, во Центар практично нема да може да има објект од ваков вид, во Карпош ќе има во некое ќоше, а во Аеродром ќе може во делот после Капитол до Ново Лисиче.
Дефинитивно ваквите промени за Законот за игри на среќа ќе создадат проблеми за обложувалниците и казината да најдат соодветни локации, што може да резултира со драстично намалување на бројот на такви објекти и отпуштање од работа на многу вработени.
Едно решение е намалување на метражата од 500 метри на најмалку половина - 250 метри.
Извор: kajgana.com