Вкупно 14 милиони евра акционерското друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација М-НАВ АД Скопје ќе подели за плати оваа година, пишува во одобрениот финансиски план на контролното тело за 2023.
Во тукуштообјавениот план пишува дека платите на вработените, од кои поголемиот дел од нив извршуваат екстремно одговорни задачи, ќе се зголемат за 14 отсто во однос на претходната година.
Ваквата одлука на „навигации“ се должи на тоа што се очекуваат поголеми приходи од авионските прелети, откако во пандемискиот период платите мораше да бидат намалени поради големиот пад на приходите со корона-кризата.
Можеби ќе ве интересира: За овие земји не ви треба работна дозвола
„Ова зголемување се должи на враќањето на дел од средствата задржани од платите на вработените во согласност со договорот постигнат со синдикатите за нивно намалување во време на кризата, при што повратот на средства е овозможен со подобрувањето на воздушниот сообраќај во 2022, како и очекуваниот натамошен раст на сообраќајот во 2023“, пишува во планот.
За споредба, вториот најголем трошок е планирано да биде електричната енергија, која според пресметките, ќе се плаќа четири пати поскапо во однос на вообичаеното и ќе треба да се издвојат 1,5 милиони евра.
Иако цената на прелетот се очекува да биде намалена во 2023, М-НАВ планира да ги зголеми вкупните приходи на 20 милиони евра, или за 20 проценти повеќе од она што било предвидено за 2022.
Претходно опозицијата го критикуваше раководството на М-НАВ дека платите на управителите им се движат над 5.000 евра, на што следуваше одговор дека се работи за самофинансирачки буџет, а не пари на граѓаните. Платите биле оформени според комплексноста на дејноста, како и за да се спречи „одлив на мозоци“.
Просечната плата пред кризниот период во контролното тело беше над 2.000 евра по вработен.
Извор: faktor.mk