Град Скопје го определи максималниот износ за доделување поединечна субвенција на граѓаните од социјално ранливите категории, жители на Градот Скопје, за купување велосипеди, но и електрични тротинети.
Одлуките за определувањето на максималниот износ за доделување субвенции на граѓаните од социјално ранливите категории, жители на Градот Скопје, за купување велосипеди, но и на електрични тротинети треба да добијат зелено светло од градските советници на седницата на Советот на Град Скопје што ќе се одржи в четврток.
Максималниот износ за поединечна субвенција за купување велосипед, за лице, се утврдува во стопроцентен износ од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 11.000 денари за лице, со вклучен персонален данок на доход, додека за купување електричен тротинет, за лице, се утврдува во износ од 100 проценти од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 15.000 денари за лице, со вклучен персонален данок на доход.
Би можело да ве интересира: Фондот за здравствено осигурување најавува дека денеска ќе се вратат сите системи
Доделувањето на поединечната субвенција се врши врз основа на доказ дека е извршено купување на нов велосипед, односно електричен тротинет како поединечна субвенција на граѓани од социјално ранливите категории на подрачјето на Град Скопје, при што задолжително е велосипедот, односно тротинетот да е целосно отплатен.
Финансиските средства за субвенционирањето на граѓаните од социјално ранливите категории, жители на Градот Скопје, при купување велосипеди и електрични тротинети, се доделуваат за прв пат и се обезбедени од буџетот на Град Скопје.
Со овие одлуки, Градот Скопје ќе ги стимулира граѓаните од социјално ранливите категории да користат велосипеди, односно електрични тротинети, кои претставуваат еколошки и економско исплатливи превозни средства и се дел од алтернативниот урбан превоз.