МОН препорача во деновите кога училиштата ќе добијат заканувачка порака за поставена експлозивна направа, наставата да продолжи онлајн. Според насоките на учениците им се дава време од еден час да се вратат дома и да се вклучат на настава која би се спровела по електронски пат.
Некои училишта во земјава веќе од денеска држат онлај настава, отакако вчера родителите добија порака во која се бара од нив да ги проверат профилите на своите деца на Teams платформата на која онлајн настава се следеше и за време на пандемијата од Ковид 19. Во дописот кое министерството го испратило до основните и средните училишта биле посочени и начини за користење на електронските адреси и насоки за зајакнување на контролата за влез и излез во училиштата.
Би можело да ве интересира: Населението старее, младите си заминуваат – кој ќе работи и ќе се грижи за возрасните?
Колку барањето на министерството за образование е оправдано учениците да се вратат на онлајн настава и како тоа ќе влијае на нив. Професорката Елизабета Секирарска вели дека во овој случај најоштетени се учениците и затоа треба најмногу да се мисли на нивната безбедност, но и на фактот дека не треба да губат од наставата.
Надлежните веќе шест месеци не можат да откријат кој си поигрува со системот и ги исцрпува државните институции кои секојдневно спроведуваат антитерористички проверки. Премиерот Димитар Ковачевски изрази сомнеж дека некој од вработените во министерството за образование соработува со „бомбашите“.
Вакви дојави за бомби, за кои постојано од МВР се утврдува дека се лажни, почнаа од 26 октомври минатата година. Покрај во земјава, хибридни закани од ваков тип минатата година се појавија и во останатите земји од соседството.