Услугите на Регионалната дирекција на УЈП во Скопје од 1 мај ќе бидат достапни само доколку даночните обврзници и сметководители имаат закажано термин за средба со даночните агенти.
Терминот ќе се закажува преку Инфо центарот на УЈП на телефонот 0800-33-000 или 02/3253-200 или преку веб страницата на Контакт центарот kontaktcentar.ujp.gov.mk.
Од Управата за јавни приходи информираат дека овој нов начин се воведува со цел подобрување на даночните услуги, намалување на времето на чекање и на метежите на даночните шалтери, навремена услуга и точен одговор за даночните обврзници.
Услугата „Закажи средба“ овозможува секоја странка да закаже термин за средба со даночен агент во УЈП - Регионална дирекција Скопје во време кое нему му одговара, според расположливите термини, а со цел консултација од даночната сфера, и тоа добивање на општи информации за рокови, начини за пријавување и плаќање даноци, отворање на бизнис и регистрација на даночен обврзник, консултации за издадени даночни документи, утврдување на даноци, постапки за наплата на долгови, правни прашања и консултација за други специфични прашања, појаснуваат од УЈП.
Доколку даночните обврзници не се во можност да присуствуваат на закажаниот термин, ќе треба да ја откажат средбата или да презакажат друг термин.