Американската влада експресно интервернираше со низа мерки за да го спречи пропаѓањето на две банки, стравувајќи од нова финансиска криза откако веста за нивната несолвентност предизвика турбуленции на финансиските пазари.
Потегот на федералната влада доаѓа откако банката СВБ, еден од најголемите финансиери на технолошки стартапи во Силиконската долина, и њујоршката Сигначр банк не успеааја да ги покријат загубите предизвикани од продажби на средства поради зголемувањето на каматните стапки.
Тоа што се случи изминативе три или четири работни денови, го става под знак прашалник агресивното зголемување на каматните стапки, кое ФЕД агресивно го спроведува изминатава година. Тоа е најголемото зголемување на каматните стапки во историјата, а тоа што го направи ова е тоа што ја стави под притисок секоја банка која голем дел од своите средства ги чува во обврзници. Како што каматните стапки се зголемуваа, така вредноста на овие обврзници паѓаше, и поради тоа СВБ се најде во невољја.“, вели Џејмс Едсберг – Консултант во банкарскиот сектор
Како резултат и двете банки беа ставени под контрола на Федералната корпорација за осигурување депозити, гарантирајќи ги заштедите на физичките и правните лица. Регулаторите и американското Министерство за финансии во внимателно составено заедничко соопштение тврдат дека банкарскиот систем е безбеден и спасувањето на банките нема да падне на товар на американските даночни обврзници.
Крајната линија е ова, Американците можат да бидат сигурни дека нашиот банкарски систем е безбеден, вашите депозити се безбедни. Исто така, дозволете ми да уверам дека нема да застанеме на ова, ќе направиме сѐ што е потребно.“, изјави Џо Бајден – Претседател на САД
Затворањето на СВБ е најголемото пропаѓање на една американска банка уште од финансиската криза во 2008-та година, а американските власти дејствуваа брзо стравувајќи дека ова може да прерасне во криза која може да излезе од контрола. Покрај ова, американските власти објавија и дополнителна мерка за да се гарантира довербата во банкарскиот сектор, а тоа е основање на нова програма која на банките ќе им понуди полесен пристап до средства во случај на криза.
Брзината со која федералната влада истапи да го реши проблемот изненади многу од експертите, кои веднаш почнаа да ги бараат причините за оваа блиц реакција на Вашингтон. СВБ главно финансираше технолошки стартапи и финансиери со висок степен на ризик, кои по правило спаѓаат во технолошката елита во Силиконската долина. Затоа критичарите отворено прашуваат дали овие технолошки елити добиваат „повластен“ третман од страна на владата, која истапува со „социјалистички мерки кога капитализмот ќе затаи.“ Според нив, тоа е причината зошто заедничкото соопштение на Министерство за финансии, Федералните резерви и Федералната корпорација за осигурување депозити е толку внимателно напишано, и зошто претседателот Бајден веднаш излезе пред јавноста да ја оправда постапката, но и да ги увери своите сопартијци дека гарантирањето на заштедите било единствениот начин за да се спречи поголема криза.