Изработката, односно замена на личните документи од страна на граѓаните ќе поскапи, откако Владата го одобрила решението на Министерството за внатрешни работи што во наредниот период треба да стапи во сила.
„Обрасците во моментов се издаваат по цените кои важеа и до сега. МВР постапувајќи по заклучок донесен од Влада, спроведува постапка за изменување на решението за цените на обрасци. Со решението се вршат измени на цените, а ќе се применуваат кога решението ќе се објави во Службен весник и ќе влезе во сила. Имено, цената на пасош за лице до 27 години ќе остане непроменета и натаму ќе изнесува 1500 денари, но пасошот за лице над 27 години ќе изнесува 2000 денари, што е зголемување за 500 денари. Цената на личната карта ќе изнесува 310 денари, што е зголемување за 120 денари. Цената на возачката дозвола ќе изнесува 410 денари, што е зголемување за 130 денари“, ни одговорија од МВР.
Многу повеќе ќе треба да се плати за обрасците за личните документи по итна постапка, кои и онака се неколкукратно поскапи.
„Ќе има промени на цените и на обрасците за итна постапка: Цената на пасош по итна постапка ќе изнесува 6100 денари, што е зголемување за 1600 денари. Цената на возачка дозвола по итна постапка ќе изнесува 1230 денари, што е зголемување за 390 денари“, дополнуваат од МВР.
Можеби ќе ве интересира: Следува поевтинување на брашното
Како причина за поскапувањето на оваа јавна услуга за граѓаните се наведуваат зголемените трошоци во изминатиот период.
„Промената на цените се прави поради зголемените набавни цени на увезени обрасци, зголемени трошоци за одржување на системот кој се врши од страна на странски економски оператор, како и набавка на нови машини поради укажана потреба од замена на веќе дотраени машини за персонализација итн“, стои во одговорот што го добивме од таму.
Ваквото решение е донесено на една од претходните владини седници по разгледувањето на „информацијата во врска со потребата од зголемување на продажните цени на обрасците за лични документи на граѓаните (пасош, лична карта и возачка дозвола)“.
До февруари 2024 година, граѓаните имаат законска обврска да ги сменат сите лични документи на кои наместо досегашното име Република Македонија, треба да стои новото име, кое произлегува од Преспанскиот договор со Грција, Република Северна Македонија. Тоа значи дека граѓаните, кои до сега тоа не го сториле, ќе мора да сменат лична карта, пасош, возачка дозвола, сообраќајна дозвола но и регистарски таблички.
Извор: faktor.mk