Просечната старост на работниците во Македонија е над 50 години, кога ќе одат во пензија, нема кој да ги замени.
Во некои дејности во државата работната сила е стара над 50 години. Кога овие вработени ќе одат во пензија, ќе нема кој да ги замени и тоа може да доведе до дополнителен недостиг на работна сила.
Работодавачите и синдикатот апелираат државата да носи долгорочни решенија – воведување дуално образование, преквалификации и доквалификации на лицата кои се пријавуваат како невработени, како и префрлање на дел од вработените од јавен во приватен сектор. На тој начин работодавачите нема да се соочат со посериозни проблеми поради недостиг на кадар, а фабриките нема да се затворат.
Работниците кои имаат повеќе од 50 години, всушност, се последната генерација и немаат можност да заминат во странство, а за разлика од нив, пак, младите веќе си го најдоа патот во високоразвиените земји.
Можеби ќе ве интересира: Зошто бегаат младите од Македонија?
Во пекарската индустрија просечната старост на вработените е 57 години, а младите воопшто немаат интерес за оваа струка, покажува последната анализа на Стопанската комора. Ситуацијата е алармантна, а дополнително ја комплицира тоа што дел од процесите во пекарската индустрија не може да се автоматизираат за да се компензира кадарот.
Слична е ситуацијата и во земјоделството каде што просечната старост на земјоделците е околу 60 години. Земјоделците велат дека ова е навистина голем проблем и оти веќе се соочуваат со недостиг на работна рака. Младите не сакаат да работат во земјоделството и нема кој да ги наследи постарите земјоделци. Освен тоа, нема работници за дополнителна работа на поле и за сезонски работи.
Извор: vecer.press