Оваа сезона цените на хотелските услуги ќе бидат повисоки за над 30%. Тоа се должи на поскапувањето на сите производи, енергенсите, а најмногу на повисоките плати на персоналот. И покрај порастот на цените на аранжманите, според ХОТАМ земјава останува најевтина дестинација во регионот...
Оваа сезона цените на аранжманите во хотелите на брегот на Охридското Езеро ќе бидат повисоки за над 30%.
Тоа се должи на поскапувањето на сите производи, енергенсите, а најмногу на повисоките плати за персоналот. Замрзнувањето на цените на дел од прехранбените производи нема да ги намали цените на услугите во хотелскиот сектор, велат од ХОТАМ. И покрај поскапувањето на хотелските услуги, земјава останува најевтина дестинација во регионот.
„Уште стоиме како една поевтина дестинација. Покрај сите поскапувања кои ги имаме на Балканот сме уште една од поевтините дестинации. Нема повеќе 20 и нешто евра за ноќевање, туку е 30 и нешто евра, а некаде и повеќе“, вели Крсте Блажески претседател на ХОТАМ.
И покрај инфлацијата и кризата, оваа сезона се очекуваат голем број туристи. Климата на туристичкиот пазар е позитивна, оценуваат од хотелската асоцијација – ХОТАМ.
„Уште стоиме со Холанѓаните. Се очекуваат пет, а се споменуваат до осум – девет летови неделно. Турските гсти, полските гости, ТУИ Англија се внесува имаме повеќе Англичани годинава“, додава Блажески.
Хотелите на брегот на Охридското езеро, после неколку месечната пауза ги отворија вратите за туристи. Пролетва актуелен е конгресниот туризам.