Министерството за внатрешна и надворешна трговија на Србија соопшти дека почнува со работа на измените на Законот за заштита на потрошувачите коишто ќе се однесуваат на забраната за продажба на електронски цигари и други производи со или без никотин на малолетни лица.
Одлуката е донесена по добиените резултати од истражувањето на Здружението „Родител“ спроведено лани во септември. Повеќето испитаници се согласуваат дека е-цигарите се лесно достапни за малолетниците и може да се набават во продавница и киоск без да се провери возраста на купувачот. Дури 83,3 отсто од децата тврдат, како што е наведено на страницата на Здружението, дека „лесно се доаѓа до електронски цигари“ и дека при купувањето не ги прашуваат колку години имаат.
„Натаму, 78 проценти од родителите тврдат дека нивните деца не користат е-цигари. Од друга страна, на прашањето дали пријателите на нивните деца ‘вејпуваат’, односно дали користат е-цигари со ароматично масло, тоа го потврдиле 46 отсто од родителите“, говорат податоците.
Испитувањето покажало и дека најголемиот број тинејџери кои консумираат „вејп“, го купуваат по училиште, а значително помалку од одговорите гласат „на одмор“ и „за викенд, во слободно време“.
„Само 16,7 отсто велат дека овие производи не се продаваат на малолетници. Мнозинството родители рекле дека знаат дека малолетниците лесно можат да ги купат овие производи (70 проценти), додека останатите 30 отсто од нив не знаат за тоа“, се истакнува во истражувањето.
Повеќе од 81,3 отсто од испитаниците знаеле што е „вејп“, додека 18,8 проценти од нив слушнале за него, но одговориле дека не знаат што е тоа. Најголем дел од испитаниците, 62,5 отсто не користат е-цигари, додека 37,5 проценти се потрошувачи на тој производ.