Германската влада воведува месечен билет од 49 евра за да помогне во ублажување на трошоците за живот и промовирање на користењето на јавниот превоз. Колку е тоа револуционерно?
Би можело да ве интересира: Германија прогласи крај на епидемијата на коронавирус, истече рокот за носење маски
На 3 април е пуштен во продажба новиот германски месечен билет од 49 евра, откако министерот за транспорт Фолкер Висинг, од Либералната партија (ФДП), соопшти дека владата ќе го ослободи јавниот превоз од националната „тарифна џунгла“. Достапен е за купување преку интернет, како дел од дигитална претплата, а жителите и туристите ќе можат да патуваат со локален и со регионален јавен превоз низ целата земја за 49 евра месечно од 1 мај 2023 година.
„Германскиот билет“ од 49 евра се воведува за да помогне во олеснување на трошоците за живот, а истовремено да го направи јавниот превоз поедноставен, подостапен и со тоа поатрактивен за патниците во таканаречената „автомобилска нација“.
Идејата да се охрабрат повеќе луѓе да се префрлат од автомобили во возови ќе ѝ помогне на Германија да ги постигне своите климатски цели. Сепак, патувањето на долги релации со автобуси и возови како што е брзиот Меѓуградски експрес (ИЦЕ) не е покриен со билетот.
Луксембург прв воведе бесплатен јавен превоз и за жителите и за туристите низ целата земја во март 2020 година. Малта воведе бесплатен јавен превоз за сопствениците на паметни картички, достапни со такса за регистрација од 15 евра, на поголемиот дел од нејзините автобуски линии во октомври 2022 година.
Повеќе градови, вклучувајќи ги и естонскиот главен град Талин и Данкерк во Франција, исто така воведоа слични шеми. Во Австрија, патниците можат да патуваат со целокупниот јавен превоз каде било во земјата со „Климатски билет“ за 1.095 евра годишно со попусти, меѓу останатото и за лицата со посебни потреби и за семејствата. Виена во мај 2012 година ја намали цената на годишниот сезонски билет за јавен превоз на 365 евра.
Летен успех со намалените цени
Билетот од 49 евра е наследник на популарниот билет од 9 евра, кој беше резултат на политичкиот компромис меѓу владејачките партии минатото лето за да се помогне во ублажувањето на кризата со трошоците за живот. Откако цените на бензинот и на дизелот достигна рекордни нивоа, поради руската агресорска војна во Украина, партијата Слободни демократи (ФДП) предложи намалување на даноците за гориво за да се олесни товарот на возачите на автомобили и на камиони.
Како одговор, партијата на Зелените инсистираше на слична поддршка за корисниците на јавниот превоз и билетот од 9 евра беше воведен од јуни до август. Беа продадени над 52 милиони билети. „Мислам дека е многу важно да се каже дека во текот на овој процес, никој навистина не запре да работи на овој билет“, вели за ДВ, Јон Ворт, експерт за транспорт и политика на ЕУ со седиште во Берлин.
Целиот текст прочитајте го на: dw.com