Во еден случај, истражителите откриле дека две 10-годишни деца работеле до 2 часот по полноќ без плата во ресторан во Луисвил.
На едно од момчињата му било дозволено дури и да работи со фритеза, работа што федералниот закон забранува да ја работи секој помлад од 16 години. Повеќето од спорните ресторани, 45 од 62, се наоѓаат во Кентаки. Станува збор за ресторани на Мекдоналдс под три франшизи: Бауер Фуд, Арчвејс Ричвуд и Бел ресторан груп.
Бауер фуд се брани дека двете десетгодишници всушност биле деца на ноќниот менаџер и дека само ги посетувале родителите на работа во ресторанот. Оттаму додаваат дека децата немале дозвола да бидат во делот од ресторанот наменет за вработените. Тие наведуваат дека потоа презеле дополнителни чекори за да ги информираат сите вработени за политиката на франшизата во однос на децата кои ги посетуваат родителите на работа.
„Овие извештаи се неприфатливи, длабоко вознемирувачки и неконзистентни со големите очекувања што ги имаме за целиот бренд на Мекдоналдс. Имаме одговорност да обезбедиме позитивно и безбедно искуство за сите“, рече Тифани Бојд, виш потпретседател на Мекдоналдс.
„Знам колку е важно секој ресторан да негува култура на безбедност. Како мајка чиј син тинејџер гордо работеше во нашиот локален Мекдоналдс, го чувствувам ова на многу лично ниво“, додаде таа, според NBC.
Откриено е дека Archways Richwood, со седиште во Волтон, Кентаки, им дозволил на 242 деца на возраст од 14 до 15 години да работат прекувремено. Повеќето работеле порано или подоцна во текот на денот отколку што дозволува законот и повеќе од три часа во училишните денови, соопшти Министерството за труд.
Bell Restaurant Group со седиште во Луисвил им дозволил на 39 деца на возраст меѓу 14 и 15 години да работат прекувремено. Бауер Фуд го прекршил законот во случајот со 24 деца помлади од 16 години.
Додека повеќето случаи на прекршување на детскиот труд во САД вклучуваат малолетници кои работат подолго и подоцна отколку што дозволува законот, Министерството за труд открило најмалку 688 малолетници нелегално вработени во опасни професии минатата година.
Извор: vesnik.com