Во текот на месеците март и април вработените во една новозеландска компанија доаѓале на работа само четири пати неделно. Станува збор за компанија со повеќе од 240 вработени која нуди финансиски услуги. Ова скратено работно време започнало како експеримент, и за брзо време компанијата "Perpetual Guardian" увидела дека работната недела која вклучувала 3 дена одмор давала позитивни исходи. Тест периодот се покажал како доста успешен и компанијата ќе го воведе ваквиот начин на работење како перманентен од ноември годинава.
Компанијата тврди дека ваквиот начин на работа ја зголемил продуктивноста за 20 проценти, а вработените биле повеќе ангажирани и ентузијастички настроени. Основачот и извршен директор Ендру Барнс вели дека не постојат негативни страни за воведувањето на четиридневната недела.
Вработените наместо претходните 40 работни часа, сега ќе имаат по 32 и притоа ќе ја добиваат истата плата. Ваквиот начин на функционирање направил вработените да прават помалку паузи, да бидат поефикасни, покреативни и помалку да доцнат на работа.
Оваа компанија не е првата која се одлучила на ваков чекор. Технолошката компанија Treehouse работи со скратено време од 32 часа уште од 2006 година, додека Амазон има направено експеримент со кој работното време се намалило на 30 работни часа. Разликата е што платите на вработените во Амазон биле пониски за 25%, но продолжиле да ги уживаат сите дополнителни бенефиции како претходно.