Давателот на услуги во воздухопловната навигација М-НАВ АД Скопје изминатата година поделило за 50 отсто повисоки плати во однос на една година претходно.
Ако во 2021 се поделиле 10,5 милиони евра, во 2022 сумата изнесувала 16 милиони евра, покажува годишниот извештај на акционерското друштво во државна сопственост. Објаснувањето на М-НАВ за ваквата високододелена сума е тоа што се надоместувал одземениот дел од намалените плати во текот на пандемиските години, кога прелети практично и да немало.
Тоа го дозволиле енормно зголемените приходи од наплатени прелети, што резултирало со сума од над 21 милиони евра. Касата од наплатените прелети се наполнила за речиси 62 отсто повеќе во однос на една година претходно. Тоа го променило планот и наместо 12,5 милиони евра, на контролорите и останатите вработени им биле поделени 16 милиони евра за бруто-плати.
„Заклучно со 31.12.2022 година целосно се вратени задржаните средства од платите на вработените за 2020 година, како и за периодот јануари-јуни 2021 година“, пишува во извештајот кој додава дека таква одлука донел Управниот одбор на 15 април 2022.
Со овој акт е утврдена динамика за враќање на задржаните средства од платите на работниците за 2020, 2021 и 2022 година по договор со синдикатот.
„Истата е донесена како резултат на порастот на сообраќајот во воздушниот простор на РСМ кој ги надмина планираните проекции, проекциите на готовинскиот тек на парични средства на Друштвото и извештаите и информациите на Eurocontrol за подобрување на сообраќајот, како и домаќинското работење и сведување на минимум на сите трошоци на Друштвото со политика на максимално штедење и ефикасност во спроведување на зацртаните цели до целосно финансиско стабилизирање“, објаснува М-НАВ.
Претходно опозицијата го критикуваше раководството на М-НАВ дека платите на управителите им се движат над 5.000 евра, на што следуваше одговор дека се работи за самофинансирачки буџет, а не пари на граѓаните. Платите биле оформени според комплексноста на дејноста, како и за да се спречи „одлив на мозоци“. Просечната плата пред кризниот период во контролното тело беше над 2.000 евра по вработен. Според „Македонски навигации“, изминатата година бил постигнат успешен резултат со рекордни бројки.
„Усогласувајќи ги сопствените капацитети со барањата на Network Manager, „М-НАВ“ А.Д. - Скопје постигна солиден резултат во рамките на европската мрежа на воздушен сообраќај со процент на сообраќај кој бележи раст од речиси 4% (5,5% overflights - прелети) од нивото на сообраќај во 2019 година, која се зема како референтна година во анализите на сите релевантни воздухопловни фактори“, потенцираат од таму.
Извор: faktor.mk