Македонските гастарбајтери во Германија заработуваат од 1.500 до 4.000 евра. Најчесто се бараат работници во угостителството, производството, индустријата, градежништвото, земјоделството, услугите за чистење, обезбедувањето… За повеќето од овие работни места не е потребно добро познавање на јазикот, иако е пожелно. Поголемиот дел од работниците од Македонија во Германија работат на оние послабо платени работни места, за кои се потребни само диплома за завршено средно образование и површно познавање на јазикот.
Во градежништвото и во сродните дејности, во просек се заработуваат до 2.500 евра месечно, тулар заработува 3.214 евра, молер 2.975 евра, а ковач 3.053 евра месечно. Вештината на заварувачот се плаќа околу 2.819 евра, а на керамичарот околу 3.000 евра. Возачот на виљушкар, на пример, има просечна плата од 2.679 евра, а работникот на пат 3.463 евра. Платите во угостителството се нешто помали, околу 1.800 евра во просек.
Изменетата регулатива за имиграција, која германската Влада треба да ја одобри во следните неколку недели, ќе отстрани голем дел од постојните бариери за имиграција и вработување странци во Германија. На пример, странците ќе можат да се вработат иако немаат професионална квалификација според германските стандарди. Ќе биде доволно да имаат договор за работа со германски работодавец, одредено работно искуство и да имаат завршено стручно образование во својата земја.
Извор: vecer.press