Вработувањето во САД благо забрза во мај и беше во согласност со просекот во претходните 12 месеци, објави во петокот Министерството за труд. Во мај беа отворени 339 илјади нето нови работни места во најголемата светска економија, по ревидираните 294 илјади во април.
Новите податоци покажуваат дека во март и април се отворени 93.000 работни места повеќе отколку што покажуваа претходните проценки на министерството. Податоците за мај се во согласност со месечниот просек во претходните 12 месеци, кој изнесува 341 илјада нововработени
Во месецот штотуку заврши, најмногу нови работни места беа отворени во секторот за професионални, деловни и здравствени услуги и во државните служби. Вработеноста се зголеми во секторите градежништво и транспорт и складирање, како и во системот на социјална заштита.
Приватниот сектор отвори нето 283.000 нови работни места, а државата 56.000. Стапката на невработеност е зголемена за 0,3 процентни поени во однос на април и изнесува 3,7 отсто, што одразува зголемување на бројот на невработени за 440 илјади, на 6,1 милион.
Од март минатата година, стапката на невработеност во САД е во опсег од 3,4 до 3,7 отсто, соопшти Министерството. Просечната саатница е зголемена за 0,3 отсто во однос на април, на 33,44 долари. Во однос на истиот месец лани е зголемен за 4,3 отсто.