Газдите се жалат дека тешко наоѓаат добри работници, а работниците имаат мака да се изборат за повисоки плати. Работниците сметаат дека заслужуваат повисоки плати, посебно во услови кога одливот од државата не запира. Фактор ги анкетира граѓаните, со цел да се провери што мислат за висината на платите и дали тие пари се доволни за пристоен живот.
„Нормално дека треба да се покачат платите. Минималецот треба да биде 500 евра“, вели Емилија, граѓанка.
Не се задоволни ниту оние кои работат во државен сектор.
„Јас сум вработена во образование, така што и на нас треба да ни се покачат платите. Се зголеми минималецот, но другите плати останаа во место, така што примањата се несразмерни“, рече Александра, просветен работник.
Според граѓаните, ако овде има достоинствени плати, работниците не би се иселиле.
„Има евтина работна сила и газдите си користат. Ако газдите ги покачат платите, работниците ќе ни останат тука, во државата“, вели средовечна кумановка.
Синдикатите постојано се поборници за повисоки плати и подобри услови за работа. Минималецот во Македонија изнесува 20.175 денари.
Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), просечната плата пораснала. Просечната нето-плата по вработен, во март 2023 година, изнесувала 34.925 денари. Во анкетата на националниот Демократски институт, чии резултати се објавена вчера, граѓаните како проблем ги посочиле ниските плати и пензии.