Колку ќе чинат и кој ќе ги плати налепниците со „NMK“ што ќе ни ги лепат на регистарските таблички што како обврска произлегува од Преспанскиот договор со Грција?
Владата веќе донесе одлука да ги поштеди граѓаните и транспортните компании од дополнителни трошоци за целосно нови регистарски таблички и целосно нови документи за возилото, но сѐ уште останува нејасно дали граѓаните ќе треба да ги плаќаат и колку пари ќе чинат налепниците?!
Како што неофицијално дознаваме, налепниците дефинитивно ќе бидат на трошок на сопствениците на возила, но засега не е позната нивната цена, велат од порталот Денар.
-Правилникот е во изработка, а токму тој правилник ќе го прецизира дизајнот на налепницата, колку пари ќе ќини и каде точно ќе се лепи на табличката. Налепниците ќе си ги плаќаат самите граѓани, но не верувам дека ќе бидат прескапи. На пример, новите сообраќајни дозволи со ознака „NMK“ чинат 250 денари, па логично би било налепниците да бидат поевтини – велат за Денар извори од Владата.
Инаку, постојат три типа важечки регистарски таблички за возила во Македонија – едни се со ознаката „NMK“, други се со ознаката „МК“, а трети се со старите таблички без никаква ознака пред ознаката на градот.
Од МВР потврдија дека кај сите три типа таблички што се со правоаголна форма, како и за мотоциклите чии таблички се со четвртаста форма, ќе се лепи налепница и на тој начин во целост ќе се испочитува обврската за ознаката на новиот код.
Како што брифираат од МВР, поставувањето налепници ќе биде значително олеснување и за транспортерите кои патуваат низ земјите од Европската Унија.