Струјата поскапува за 2,5 отсто. Регулаторната комисија за енергетика ги објави новите цени за електрична енерегија кои ќе важат од први јули.
Домаќинствата кои се во првиот и вториот тарифен блок ќе плаќаат речиси исто како и во последните шест месеци. Оние пак домаќинства кои повеќе трошат, односно се во третиот и четвртиот блок ќе добиваат сметки повисоки за околу 10 отсто. Регулаторот цените во блок тарифите ги објавува без ДДВ, и неговата пресметка покажува дека најголем дел од домаќинствата ќе имаат намалување на цените, но кога од први јули ќе се врати ДДВто од 10 на 18 отсто, тогаш се добива ралната слика.
„Намалување без ДДВ е 7,04 отсто, со ДДВ математички пресметано е намалување од 0,28 отсто. За вториот блок е зголемување поради ДДВ то од 2,88 отсто, за третиот блок има зголемување од 9,99 отсто, за четвртиот е зголемување од 9,87, поради ДДВ-то“, вели Марко Бислимовски Претседател на РКЕ.
Дневната евтина тарифа на електричната енергија ќе се врати од декември годинава. Сите броила до тогаш ЕВН ќе има обврска да ги приспособи и граѓаните да користат струја со пониска тарифа од 13 до 15 часот. На сила останува евтината тарифа во ноќните часови и во неделите.
Би можело да ве интересира: Конечно имаме датум: Се враќа евтината дневна тарифа!
„Најголем дел од броилата во државата или 80 проценти немаат далечинско отчитување. Во наредниот период, во следните година или две ние инсистираме постоечките броила да се заменат сите со можност за далечинско отчитување. И на тој начин ќе ги отсраниме сите сомнежи кај потрошувачите. Трошокот за новите броила ќе падне на Електродистрибуција и тој ќе го пријави во Регулаторната комисија за енергетика,“ вели Марко Бислимовски Претседател на РКЕ.
Регулаторот објави и дека се намалува трошокот за пренос на електрична енергија, но и на мрежарината за кои граѓаните имаа чести реакции дека потрошената електрична енергија помалку ги чини од трошокот за мрежарина.
Малите потрошувачи или помалите фирми на кои им е дозволено да користат струја од универзалниот снабдувач ќе добиваат слични сметки за струја како и досега. За компаниите кои се на слободниот пазар и струјата ја купуваат од берзите, регулаторот не очекува дека цената и во периодот што следи ќе падне под 150 евра.