Земјоделците кои се занимаваат со производство на грав, објаснуваат дека поради неповолните временски услови сезонава ќе имаат помало производство, а тоа ќе придонесе за повисока цена на оваа намирница.
Обилните дождови не им одат во прилог, а според најавите на метеоролозите, цело лето ќе имаме нестабилност. Таквите временски услови поттикнуваат развој на болести и помал род.
„Скапа дел од посаденото на нивите, а повторно да садиме е доцна. Доцни земјоделската работа оваа година, а тоа не е добро за вегетацијата. Очекувам помал род од лани. Цената може да биде 350 денари за килограм грав. Претходно продавав по 150 килограми грав годишно, имаме редовни купувачи кои нè знаат. Ние садиме грав заедно со пченка и тој е потешко да се собере по нивите. Луѓето купуваа по 5, 10, 15 килограми, зависно кое семејство колку е големо и колку консумира грав“, вели Сузана Џамбазовска од селото Жван.
Многу земјоделци објаснуваат дека веќе ги намалиле површините засадени со грав, затоа што увезениот чесно им ја урива цената и трудот не им се исплати.
„Грав сега имам засадено само за свои потреби, а имаше години во минатото кога продавав по 200-300 килограми на муштерии. Си бара работа, многу труд, а се случувало купувачите да ми реагираат дека има поевтин увозен грав од Турција или друга земја и затоа повеќе не садам за продажба. Овие временски услови секако не се добри за родот. Општо, порано садев повеќе компири, садев моркови, кромид, многу култури, но сега се посветив на домати и пиперки затоа што нив народот најмногу ги бара и помали се шансите трговците да нè уценуваат за цената“, рече земјоделка од делчевско.
Друг земјоделец од светиниколско, решил наместо грав да засее житарици и смета дека од регион до регион во Македонија, родот ќе варира.
Соња Филипоска Дотс, агроном полјоделец вели дека полошкиот регион е погоден за одгледување на грав, за разлика од источниот дел каде помалку го има, но додава дека последниве 10 години има намалување на површините. Во старт, условите годинава беа непогодни.
„При самото садење во април, имаше дождови, така што семето скапа. Гравот е нежна култура. Сега временските услови не се погодни, затоа што падна многу вода, а имаме и високи температури и тоа се два контрасти. Ако вака продолжат временските прилики, нема да биде добар приносот. Јас верувам дека земјоделците даваат сè од себе, но ако временските услови не се добри, ќе видат потребни повеќе агро-технички мерки“, рече Филипоска Дотс.
Во 2007 година, имало 7.815.52 хектари засадени со грав во државата, од кои 4820.54 биле во полошко. Ова се податоци од пописот на земјоделството направен во 2007 година, кој го објави Државниот завод за статистика. Оттогаш има намалување на површините.