Ќе останат ли најголемиот дел од граѓаните без дневна евтина струја од 1ви декември?!
Колку домаќинства ќе добијат евтина струја преку ден од 1ви декември ?! Ова прашање се отвори во јавноста откако надлежните најавија дека за најголем дел од струјомерите на домаќинствата да вртат по евтина тарифа ќе треба рачно да се променат, а од ЕВН кажаа дека со теренски активности ќе почнат од 1ви декември.
Од вкупно 820 000 броила во земјава, 170 илјади се дигитални. За нив службите од ЕВН не треба да излезат на терен, бидејќи се со далечинско управување. Тие домаќинства без проблем од декември ќе имаат евтина струја и во текот на денот. Сепак, најголемиот дел од домаќинствата или 650 илјади броила ќе треба рачно да се променат.
Од ЕВН велат дека започнале да го подготвуваат „теренот“ за враќање на дневната евтина тарифа, но со прилагодување на броилата ќе започнат од 1ви декември.
„Од 1ви декември ќе влегува во сила новиот тарифен систем. До тогаш ЕВН ќе ги направи сите технички подготовки, софтверски испитувања и слично. Од 1ви декември ќе се започне со прилагодување на броилата на терен.“ -ЕВН.
Дека рачното менување на броилата ќе одземе повеќе време, претходно кажа и првиот регулатор Бислимовски кој во последното гостување на Канал 5 објасни дека новововедените блок тарифи го отежнуваат процесот.
- Имавме технички проблеми. Операторот сакаше 1ви јули наредна година, успеавме да се договориме да започне од 1ви декември кога најмногу им треба на граѓаните бидејќи не по нивна вина најголем дел од нив се греат на струја немаат други опции, од тие причини почнува од 1ви декември. Едноставно има технички проблеми и ова е најрано што можеше да стартува примената на евтината тарифа. Има блокови и тоа одзема повеќе време. Кога ќе излезат на терен читачите од ЕВН додека ја инсталираат. Најголем дел немаат можност за далечинско од канцеларија да се менува се што треба да се менува. Марко Бислимовски, РКЕ .
За теренската процедура да оди побрзо, помош понуди вицепремиерот Битиќи.
„Можам да им дадам помош, можам лично да им ги менувам броилата. Мора од 1ви декември, како ќе го направат тоа е нивна работа и одговорност.“ кажа Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања.
Струјомерите на домаќинствата веќе вртат по нова цена на струјата за сите четири блока во тарифникот, а јулските сметки ќе бидат и со повиско ДДВ кое од 10 се врати на 18%.