Oкеаните се навистина преполни со необични суштества, а едно такво штотуку откриле научниците.
Имено, тоа е безрбетник и може да избегне стареење до недоглед затоа што само се регенерира. И тоа не дел по дел, туку цело тело, пишува „National Institutes of Health“.
Суштеството се вика „Hydractinia symbiolongicarpus“ и станува збор за мал безрбетник којшто живее на обвивката од раковите, според студијата објавена во магазинот „Cell Reports“.
„Ваквите студии кои ја истражуваат биологијата на необични организми, откриваат колку биолошките процеси се универзални и колку ни е потребно да ја разбереме нивната функција, односи и еволуција. Таквите откритија имаат голем потенцијал за давање нов увид во човековата биологија“, изјавил Чарлс Ротими, коавтор на студијата, во соопштението на јавноста.
Научниците одамна знаат дека овој безрбетник е посебен пoради матичните клетки кои ги користи за да ги регенерира ткивата. Тие се способни да се трансформираат во било кој вид на телесни клетки, а тоа ги прави способни да го поттикнат растот на новите делови на телото. Луѓето можат да ги користат овие клетки само во текот на првите фази од развојот, додека овие животни тоа можат да го прават во текот на целиот живот.
Истражувачите откриле дека ова суштество ги складира своите матични клетки во долниот дел од половината на своето тело, но кога му ја отсекле устата, пораснало целосно ново тело, што укажува на тоа дека животното можело да ги регенерира новите матични клетки. За да се истражи како овие матични клетки се движат, авторите во трудот опишале дека го скенирале геномот на Hydractinia за гени поврзани со стареењето.
Тие откриле дека од три такви гени поврзани со стареењето, еден е „клучен“ во клетките близу местото на празнината во устата. Кога овој ген е избришан од геномот, животното не можело да се регенерира, што укажува дека потребно му е стареење за да ги регенерира новите матични клетки.
Се подразбира дека ситуацијата со ова животно е целосно поразлична отколку со нашиот вид.
„Од животното како Hydractinia можеме да научиме дека стареењето може да биде корисно и да го прошириме нашето разбирање за него и лекувањето“, изјавил Енди Баксеванис, коавтор на студијата.
Научниците досега откриле способност на регенерирање кај 35 животни. Некои од животните дури целосно се имуни на стареење, како што се хидрата и „бесмртната медуза“ Turritopsis dohrnii.