Најавуваниот африкански бран полека почнува да го „освојува“ Балканот, но и воопшто европскиот континет. Метеорологот Славчо Попоски најавува дека особено од среда, температурите во Македонија ќе бидат над 35 степени, локално до и над 40 степени.
-Кај нас, во најтоплите централни и југоисточни предели дури температурите ќе достигнат и до 43 степени (под сенка), додека на сонце температурите локално ќе се искачат и над 50 степени. Температурите ќе се мерат под сенка, додека на сонце тие ќе бидат многу повисоки, и локално тие ќе се искачуваат дури над 50 степени. Ув индексот со овој топлотен бран ќе има екстремно висока вредност, и ќе има коефициент некаде помеѓу 9 и 10, па затоа апелираме граѓаните да не излегуваат во најтоплиот дел од денот, но и да пијат повеќе течности. Во Скопје за време на овој екстремно топол Африкански бран, и тоа особено од среда па натаму максимумот на температурата ќе се искачува некаде до околу 40, 41 степени, пишува Попоски.
Екстремн горештини ќе има и во Хрватска, Грција, Србија, но и во Германија, Франција...
Соседна Грција пак има можност да руши и температурни рекорди. Токму во оваа соседна наша држава максималните температури локално ќе се искачат до околу 46, 47 степени.
И хрватските медиуми пишуваат за африканскиот бран кој најмногу ќе се почувствува во Далмација. Највисоките температури годинава ќе се забележат во Хрватска во наредните денови, некаде термометрите ќе достигнат близу 40 степени. Особено топло ќе биде во Загорје, а во наредните денови рекордери ќе бидат Сињ и Книн. Четврток ќе биде критичен во Сплит, кога, според синоптичарите на ДХМЗ, ризикот од топлотен удар ќе биде многу висок.
Сепак, според седумдневната прогноза на ДХМЗ, среда ќе биде најтопол ден во Загорје, сплитската област и островите - околу 37 степени во внатрешноста, а околу 35 на брегот.Во најголем ризик е Дубровник, во среда и четврток ќе има екстремни горештини.
Истовремено, како што пишува DW, германската метеоролошка служба (DWD) и Сојузното Министерство за здравство предупредуваат на претстоен топлотен бран со максимални температурни вредности од 28 до 35 степени. Министерството ги повика граѓаните да бидат внимателни, особено бремените жени, родителите со мали деца, старите лица и хронично болните за да се избегнат можните здравствени последици. Граѓаните треба да проверат и дали познаваат стари лица или лица со попреченост на кои би можеле да им ја понудат својата помош, е една од препораките.
Се советува и пиење доволно количество вода, избегнување физички напор, особено околу пладне и рано попладне, нанесување крема за сончање и останување во сенка и разладување на просторот за живеење. „Вентилацијата се препорачува само кога е поладно надвор отколку во станот“.