Министерот за финансии Фатмир Бесими во гостување на ТВ 21 се осврна и на процесот на издавање на граѓанската обврзница, за која денеска е последен ден во кој граѓаните може да поднесат барање за купување обврзница.
Наведе дека ова е нов иновативен инструмент во кој граѓаните ја препознале можноста што ја дава и дека веќе е надминат износот на кој беше објавен проспектот за аукцијата.
„Заклучно со вчерашниот ден се запишани 14 милиони евра, но утре кога ќе се одржи аукцијата ќе го знаеме точно износот. Ќе бидат запишани сите средства за кои покажале граѓаните интерес. Средствата обезбедени преку овој инструмент ќе влезат во трезорот и ќе се финансираат развојни проекти кои се предвидени и планирани со буџетот”, рече министерот за финансии, додавајќи дека за граѓаните нуди атрактивен принос за безризична инвестиција.