Развојот на вештачката интелигенција ги става под ризик висококвалификуваните работни позиции
Големите економии се на „работ на револуција на вештачката интелигенција“ што може да предизвика губење на работни места во висококвалификувани професии од областа на правото, медицината и финансиите, велат од Организацијата за економска соработка и развој (ОECD).
Организацијата соопшти дека професиите со најголем ризик од вештачка интелигенција (ВИ) претставуваат 27% од вработените во 38 земји-членки на организацијата кои ги вклучуваат и Обединетото кралство, Јапонија, Германија, САД, Австралија и Канада.
„Јасно е дека потенцијалот за замена на работни позиции останува значаен што го зголемува стравот за намалување на платите и губење на работните места“, изјавиле од Организацијата. Сепак, додале оттаму, ВИ засега повеќе ги менува позициите отколку што ги заменува.
Пробивот на ВИ резултираше во случаи кога исходот од користење на алатките како што е „ChatGPT“ не се разликуваше од исходот на луѓето. Според OECD, тоа може да предизвика пресврт во големите економии.
„Потребна е итна акција да се осигураме дека ВИ ќе се користи на одговорен и доверлив начин на работното место“, децидни се од OECD.
Оттаму додаваат дека додека ВИ има потенцијал да ги елиминира досадните и опасни работни задачи и наместо нив да креира интересни, фирмите се изјасниле дека главната мотивација за инвестирање во ВИ е унапредување на перформансите на работниците и намалување на трошоците за персонал.
Како последица на тоа, најмногу може да настрадаат високоплатените позиции за кои е потребно високо образование.
OECD ги забележа и ризиците поврзани со веројатноста за зголеменото влијание на ВИ при изборот за вработување кадри. Тие вклучуваат и алатки на вештачка интелигенција кои носат одлуки за вработување со ризик да не се нарушат пристрасните одлуки на ВИ кои се поголеми за некои социо-демографски групи кои често се обесправени на пазарот на трудот.
Во последните неколку години се појавија докази за родова и расна пристрасност во процесот за вработување со ВИ што стана една од клучните безбедносни грижи во технологијата.