Празнењето на главниот град не е ништо ново и неочекувано во екот на летната сезона кога сите ги користат своите денови од одмор и заминуваат на летување на море, езеро, планина…
А кога главниот град се празни од луѓе, тогаш паралелно и оправдано се одвива и намалување на производството на основните продукти кое вонсезонски е многу повисоко отколку во време на летната сезона.
Токму такво намалување на производството сега се случува со лебот, па во поголемите маркети и маалски фурни веќе се забележува дека основниот бел леб се троши побрзо од останатите.
Сепак, производителите велат дека состојбата е стабилна, дека нема да има ново поскапување и дека намаленото производство на леб се должи само на летните одмори, односно поради тоа што маркетите ги намалуваат нарачките.
-Нема да има ново поскапување на лебот. Брашното и пченицата сега се поевтини на берзите за дури 50 отсто, а намалени се и цените на струјата и на гасот. Пекарите работат според побарувањата на пазарот. Апелираме до граѓаните да не креваат паника ако гледаат празни рафтови со леб во маркетите, бидејќи тоа се должи на намаленото производство поради одморите. Луѓето шетаат во странство, одат на летување и намалена е продажбата на лебот. Нека помине летната сезона и сѐ ќе се врати по старо – коментираат произведувачите.
Инаку, од 1 јануари годинава, прехранбените компании добија повластена цена на струјата од 80 евра за мегават час со цел да ги намалат цените на лебот и да се ублажат ударите врз семејниот стандард, но Владата во март донесе одлука да се замрзне цената на белиот и полубелиот леб до 450 грама на 33 денари, бидејќи пекарите не се придржуваа до ветеното намалување на цените по испораката на субвенционираната струја.
Министерството за земјоделство објави податоци дека во целата држава се зголемени површините под жито и житни култури, односно дека се засадени околу 78.000 хектари.
Извор: denar.mk