Доколку направите посериозен сообраќаен прекршок на патиштата во Грција, бидете сигурни дека најпрво ќе си останете без сообраќајните таблички, па дури потоа ќе ви биде соопштена висината на глобата што ќе треба да ја платите.
Така барем сведочат нашинците и туристите од соседна Србија на кои им се случил сличен таксират на одење или на враќање од летување.
Но, очигледно проблемот не е толку едноставен како што звучи на прв поглед, бидејќи според грчките закони, одземената регистарска табличка и одземените документи остануваат одземени од 10 до 20 дена.
Па со оглед на тоа што туристите одат на летување најчесто на 7 дена, ваквото задржување на документите претставува сериозен проблем.
Сепак, постои решение. Можете да напишете барање за полицијата да ви одобри да ви ги врати документите, а одговор на тоа барање – позитивен или негативен – ќе добиете за најмногу 2 дена.
Но, и ваквото решение не е баш едноставно да се спроведе, со оглед на тоа што барањето до полицијата треба да биде напишано на грчки јазик, а содржината на текстот треба да гласи отприлика вака: „јас, тој и тој, од таму и таму, со привремено сместување таму и таму, немам можност ни финансии за да останам во Грција цели 20 дена, и морам да се вратам во својата земја веднаш по одморот“.
Нашинците коишто се соочиле со ваков проблем и кои биле принудени да напишат такво барање велат дека помош побарале од сопственикот на вилата во којашто биле сместени.
-Го замоливме сопственикот на вилата во којашто бевме сместени да ни помогне, а тој со задоволство прифати. Со оглед на тоа што се наоѓавме во мало туристичко место, човекот се познаваше со полицајците и успеавме да завршиме работа и да добијам позитивен одговор. Си ја платив казната за погрешно паркирање, а тие ми ги вратија документите и регистарските таблички. Плаќањето на казната мораше да биде направено во пошта со име „Хеленик ЕЛТА“, а потоа со доказот за уплатата си ги зедов документите од полициската станица – раскажува Бобан Илковски од скопската населба Кисела Вода.
Грчкиот закон освен тоа што предвидува казна од 40 до 80 евра за непрописно паркирање, предвидува и одземање на возачката дозвола за 10 дена и на сообраќајна дозвола за 20 дена.