Оваа година бостанот има добра цена. Производителите на дињи и лубеници тоа го објаснуваат со фактот дека сè помалку луѓе се занимаваат со земјоделство, но и временските услови се неповолни. Конкретно, периодов се соочуваат со суша, а тоа се одразува на помалку род и тешко е во вакви услови да се произведе квалитетен бостан.
Љупчо Трифуновски од селото Канатларци објаснува дека на мало оваа година килограм бостан го продавал за 30 денари, потоа паднал на 25, но сега пак цената е 30 денари. Вели цената е добра за нив, но за голем дел од муштериите ова е скапо. Но, во маркетите цените се движат од 40 до 50 денари.
„Имам два хектари површина под бостан. Нема кој да работи, младите избегаа во странство и затоа цените се добри оваа година. Во селово 10-20 луѓе садат бостан“, вели Трифуновски.
Љупчо Стојановски од светиниколско Црнилиште рече дека тој ги намалил површините под бостан.
„На мало оди по 15 денари за килограм за лубеницата, а дињата е нешто поскапа. Јас сега имам еден хектар, намалив двојно од лани. За работа се потребни луѓе, вода за наводнување, а сега имаме суша, нема род, прскање треба и немаме сигурен пласман“, додава овој човек.
Жена од селото Јосифово потврдува дека е задоволна од цената на бостанот оваа година. Можеби не е идеална, но е подобра од претходните години.
„Јас пред 15 дена ги продадов количините бостан кои ги имавме. На големо цената цената е по 15-16 денари за килограм. Може да се каже дека цената е солидна оваа година, да се покриеме со трошоци. Имаше години кога беше полошо“, вели жителка на Јосифово.
Податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС) покажуваат дека во 2013 година се произведени 8.962 тони дињи и лубеници, и оваа година отскокнува во однос на другите кога имало производство од скоро 3.000, 4.000 или над 5.000 тони.
И во светот цените на лубениците растат. Податоците на Mintec покажуваат дека помеѓу 2018 и 2022 година, цените на лубениците се движеле во просек помеѓу 3,35 долари, во 2018 година и 3,91 долари во 2019 година. Потоа, просекот бил 3,75 долари, 3,73 долари, 3,63 долари и 3,60 долари во последователните години. Во последните 30 дена, просечната цена на лубеницата се искачи на 5,44 долари, што е значителен скок од 3,60 долари забележани во истиот период минатото лето.