Милан Јанковиќ, попознат како Филип Цептер, е еден од најбогатите Срби на светот. На листата на најбогатите луѓе во регионот за 2022 година тој се најде на 11-то место.
Роден е во Велико Градиште во 1950 година. Завршил Економски факултет, а на 29 години заминал за Виена за да го усоврши германскиот јазик. Меѓутоа, тој донел одлука да остане во Австрија и набрзо ја основал својата прва компанија.
Денес е сопственик на мултинационалната компанија „Zepter International“ која делува во повеќе области, а најпозната е по производство на „Zepter“ садови. Токму затоа, Филип го нарекуваат и „српскиот крал на тенџерињата и тавите“, а неговото богатство со години ја интригира јавноста.
Богатството на Филип Цептер се проценува на 1.300.000.000 евра. Секако, ова не е количината на пари која тој ја има на сметка, туку вкупната вредност на компанијата и недвижностите кои ги поседува. Неговото богатство го доведе на 11-та позиција на најбогати луѓе во регионот, а во Србија се наоѓа помеѓу 5-те најбогати претприемачи.
Како се збогатил Филип Цептер?
Откако заминал за Виена, Цептер ја започнал кариерата во германската компанија „AMC“, а веќе по половина година добил управувачка функција. Поминал неколку години во оваа компанија, а потоа одлучил да отпочне претприемачка кариера и заедно со сопругата го основал „Zepter“.
Компанијата „Zepter“ е основана како произведувач на садови, по што дејноста се прошири и на останатите гранки од индустријата. Денес „Zepter“ работи во областа на банкарството, осигурувањето, недвижностите, медицината... Во рамки на компанијата се наоѓаат 8 фабрики кои се наоѓаат во Германија, Италија и Швајцарија.
Во наредните години, „Zepter“ купувала и спојувала други компании како швајцарскиот „Bioptron AG“ и „Intercosmetica Neuchâtel SA“. Со тоа нејзината дејност од производство на садови се прошири и на козметика и лекови.
Покрај компанијата, Цептер поседува и хотел во центарот на Белград, операта „Madlenianum“ и многу недвижности ширум светот.
По бомбардирањето на Србија, Милан Јанковиќ го променил своето име во Филип Цептер, како што денес го знаеме. Оваа одлука ја правдал со тоа што српското име му било премногу егзотично за дејствување во глобални рамки.
Со што се занимава „Zepter International“?
Компанијата „Zepter“ произведува и продава широк асортиман на производи - од паметни очила, еспресо апарати, прочистувачи на воздух до козметика, садови за готвење и слично.
До денес, „Zepter“ има продадено над 1 милијарда производи ширум светот. Како што стои на официјалниот сајт, мисијата на компанијата е охрабрување на луѓето да се грижат за себе, да оздрават и да бидат здрави така што ќе се грижат за своето здравје и здравјето на луѓето кои ги сакаат.