Саудиска Арабија полека, но сигурно, благодарение на огромната сума на пари го презема приматот во светскиот фудбал.
Од 10-те најплатени фудбалери во светот, дури 8 играат за клубови од Саудиска Арабија. Овој податок го објави францускиот весник „Le Parisien“ и со тоа привлече големо внимание во светската спортска јавност. Ѕвездите на европскиот фудбал пронајдоа златен рудник на Арапскиот полуостров.
Најплатените фудбалери во светот моментално се Кристијано Роналдо од Ал Наср и Карим Бензема од Ал Итихад. И двајцата заработуваат по 200 милиони евра годишно, без бонуси и премии.
Нејмар во Ал Хилал и Нголо Канте во Ал Итихад добиваат двојно помалку или 100 милиони евра по сезона. По оваа четворка е Килијан Мбапе, единствениот фудбалер кој игра во Европа, каде сè уште се игра најквалитетниот фудбал. Французинот заработува 70 милиони евра годишно во ПСЖ.
По него, на списокот е Лионел Меси, втор фудбалер кој не е член на некој од клубовите од Саудиска Арабија. Аргентинецот во Интер Мајами има годишен приход од 45 милиони евра.
Понатаму на листата се Садио Мане од Ал Наср (40 милиони евра), Џордан Хендерсон од Ал Итифак (40 милиони евра), Ријад Марез од Ал Ахли (35 милиони евра) и Калиду Кулибали од Ал Хилал (30 милиони евра).
Во групата на најплатени фудбалери е и Србинот Сергеј Милинковиќ-Савиќ, кој во Ал Хилал заработува 25.000.000 евра годишно.
Извор: supermen.tocka.com.mk