Нискобуџетните на удар на францускиот предлог
На нискобуџетните авиокомпании, кои направија голем упад во Европа нудејќи ниски цени на билетите за одредени линии, им се заканува удар. Францускиот министер за транспорт, Клемен Бон, ќе им предложи на европските колеги воведување минимална цена за летовите во рамките на Европската Унија.
– Авионски билети од 10 евра кога сме среде еколошка транзиција?! Веќе не е возможно ова – смета Бон, додавајќи дека таквите цени не се соодветни за борбата за зачувување на планетата.
Според „Еурактив“, ниските цени понекогаш не ги покриваат трошоците, а при летањето се испуштаат повеќе штетни гасови отколку при патувањето со воз.
– Отворено повикувам на оданочување на загадувачките активности за да се инвестира во еколошката транзиција – рече Бон, додавајќи дека Владата планира да го зголеми данокот на летовите што поаѓаат од Франција за да финансира инвестиции во железницата.
Зголемените давачки за фирмите што управуваат со француските автопатишта и авиобилети, најверојатно, ќе бидат вклучени во буџетот за 2024 година, кој треба да биде претставен на крајот од септември.
– Според анализата на повеќе од две милијарди дојдовни авиодестинации на глобално ниво, спроведена од „Мабријан“, споделена меѓу 173 авиокомпании, што претставува 36 отсто од сите меѓународно планирани седишта ширум светот, САД, Индија, Шпанија, Кина и Италија имаат најевтини летови – пренесува SchengenVisaInfo.com.
САД водат во однос на најголемата концентрација на нискобуџетни авиокомпании, со повеќе од 395 милиони седишта. Следува Индија со 147 милиони седишта, Шпанија со 108 милиони места, Кина со 98 милиони седишта и Италија со 85 милиони евтини места.
Во меѓувреме, нискобуџетните превозници „Саутвест“, „Рајанер“, „Индиго“, „Езиџет“ и „Спирит“ го заземаат централното место во рангирањето на обемот на седиштата.
Во Европа, „Мабријан“ покажува дека државите што доживуваат најголем прилив на евтини влезни летови и, според тоа, покажуваат поголема зависност од овие буџетски авиокомпании ги вклучуваат Летонија, Бугарија, Литванија, Белгија, Словачка, Италија, Унгарија и Македонија. Во секоја од овие земји, процентот на евтини летови надминува 70 отсто.
Извор: vecer.press