Угостителството е индустрија која е постојано во подем и кај нас и сегде во светот. Претприемачите во овој сектор секојдневно изненадуваат со нови идеи, со цел да привлечат и задржат што повеќе клиенти. Во таа динамична средина за бизнис издржуваат само најдобрите, најснаодливите и секако, најквалитетните. Квалитетната услуга е приоритет при избор на место каде што ќе го потрошите своето слободно време, ќе го испиете првото кафе, ќе поминете пријатна вечер со пријателите...
Се запрашавме што ги лути гостите и поради што не би се вратиле на истото место. Кои забелешки ги имаат и што е она на што угостителите навистина треба да внимаваат ако сакаат задоволни гости кои повторно ќе им се вратат во ресторанот? Направивме мало истражување и добивме интересни одговори. Ви ги пренесуваме во целост:
„Ми пречи...
- кога чекам цела вечност за да бидам услужен
- кога ќе нарачам нешто што го има во менито а келнерот ладно ќе ми одговори „Немаме“. Зошто тогаш стои во менито?!
- кога се обидуваат да ми го земат капутот
- кога без прашање ми долеваат вино од шишето кое стои на маса
- кога ќе ми го соберат јадењето/пијалокот пред да завршам
- кога не се обидуваат да ги смират или да ги исфрлат бучните гости
- кога пуштаат прегласна музика
- кога нема да ми донесат доматен сос со пицата
- кога ќе пуштат телевизор... зошто воопшто е потребен телевизор во ресторан?
- кога ќе ми кажат дека сум „никој“, на пример: Јас: Имате ли соино млеко? Келнерот: Не, тоа никој не го пие!
- кога не ги менуваат чаршафите
- кога ќе ме сместат на нестабилна маса која морам да ја придржувам цело време
- кога ќе ја заборават нарачката или кога ќе ми донесат нешто што не сум нарачал
- кога ќе побарам кафе без млеко, а ќе добијам кафе СО млеко
- кога на гостите на иста маса им го носат јадењето во временски интервал подолг од неколку минути...“
Ако работите во овој сектор, сигурно го знаете основното правило, но, да го повториме - Никогаш не потценувајте ги реакциите на вашите гости и секогаш грижете се за вашиот персонал! Тие се причината поради која вашиот бизнис постои.