Пакетот антикрзини мерки ќе се донесе во ноември. Нема да има замрзнување на цени или ограничување на маржи, бидејќи тие се носат со владина одлука, вели вицепремиерот Битиќи.
Со помошта ќе бидат опфатени само најранливите категории на граѓани, а пари ќе има и за субвенционирање на сметките за струја и парно. При креирањето не ги консултирале Коморите затоа што мерките се носат за граѓаните, а не за трговците, за некој нешто да вкалкулира, смета вицепремиерот.
- Антикризните мерки не се носат за трговците, за да нешто некој некаде калкулира. Антикризни мерки ќе се донесат за граѓаните, да им се помогне на тие кои најмногу денес им е потребно. Сакаме да се справиме со последиците затоа што причините институционално ќе ги решаваме. Последиците се тие, денес штетата најголема ја трпат крајните корисници и затоа сметаме дека треба таму да се насочиме со мерки, рече вицепремиерот.
Додека цените на храната во светот паѓаат, кај нас поскапувањето продолжува. За една година храната се продава по повисока цена над 10%, само овошјето и зеленчукот поскапеле за 21, односно 25%. Во соседна Србија од денеска стапија на сила новите мерки, меѓу кои има и замрзнување на цените на 20 основни производи.